Quantcast
Channel: Култура – Kurir.mk
Viewing all 3463 articles
Browse latest View live

Семинар за традиционална музика и игра во Битола

$
0
0

Во рамки на Републичкиот фестивал на народни игри и песни „Илинденски денови“ од денеска до 30 јули во Битола се одржува онлајн семинар за традиционална музика и игра. Семинарот почна со промоција на Зборник на трудови чии автори се редовни учесници на едукативниот настан посочи д-р Владимир Јаневски, професор на Музичка академија, катедра за етнокореологија при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. -Семинарот се одржува 12 години континуирано, а дополнителен квалитет на едукативниот настан е Зборникот на трудови кој се промовира пред почетокот на семинарот. Најголем дел од етнокореолошките теми се работени според биографска метода, а тоа значи истражување и анализа за некој што нешто направил во својот живот, односно на поединци кои оставиле голема трага во нашата културна традиција, истакна Јаневски. Семинарот за традиционална музика и игра е со меѓународен предзнак. (МИА)

„Поезија и толкувања“, нова книга од Веле Смилевски

$
0
0

Здружението за уметност и култура „Дијалог“ од Скопје, во рамки на програмата на Министерството за култура со проекти од национален интерес, ја објави книгата „Поезија и толкувања“ од Веле Смилевски. На близу 400 страници книгата донесува избор од поезијата на Смилевски во кој доминантно место има трилогијата „Час по поезија“ („Педесет песни“, „Педесет допевања“ и „Педесет поетски коментари“), како и „Забранета книга“, прогласена за најдобра стихозбирка на јубилејните 50-ти Струшки вечери на поезијата. Во посебен оддел објавени се толкувачки текстови за поетскиот опус на Смилевски и „Арс поетички прилози“ од авторот, што претставува метатекст создаван паралелно со неговите 14 стихозбирки. На уводните страници е објавен есејот „Новиот истражувачки дух во поезијата“ од Георги Старделов, а потоа следуваат есеи од 25 домашни и странски критичари. Рецензент на книгата е Влада Урошевиќ.

Промоција на годинешната јубилејна програма на 60. Охридско лето

$
0
0

Фестивалот „Охридско лето“ кој годинава слави 60 години постоење, денеска ќе ја промовира програмата за претстојното, јубилејно издание. Организаторите најавуваат квалитетна, уникатна, атрактивна и возбудливата програма од 04-ти до 30 август. Фестивалската сцена, како што наведуваат, повторно ќе биде домаќин на најголемите, најславните и најуспешните. Јубилејното издание ќе се одржува според КОВИД протоколите, а пропишаните мерки за заштита максимално ќе се почитуваат и за време на прес-конференциите во текот на фестивалот. -Безбедносни мерки ќе бидат преземени и за заштита на уметниците кои годинава ќе се запишат во елитниот уметнички свет и ќе направат едно возвишено и успешно издание на фестивалот кој нуди совршенство на класичната музика и театарот. Во рамки на утврдените протоколи за уметниците ќе се почитуваат мерките за заштита од нивното доаѓање до нивното заминување. Тоа подразбира дека ќе се почитуваат препораките како за нивниот престој, така и за нивниот настап, обезбедување слободен влез на сцена и излез, одржување безбедно растојание со организаторите и публиката, целосна дезинфекција на сцената пред и после настан, обезбедување редарска служба за нивно непречено движење, наведуваат организаторите. Според препораките и протоколите на Комисијата за заразни болести, Охридско лето годинава ќе ги реализира предвидените настани на отворен простор. Свеченото отворање ќе биде на Античкиот театар каде вкупниот капацитет од 1.700 места ќе се намали на 400, односно гостите ќе бидат распоредени на два метра растојание на секој втор ред од гледалиштето. Фестивалот ќе ги почитува КОВИД препораките и во делот на продажбата. За секоја изведба ќе се води евиденција на присутните, затоа при купување на влезниците ќе се побара да го остави име, презиме и контакт број. Билетарницата има поставено заштитна преграда помеѓу билетопродавачот и посетителот, обезбедено средства за дезинфекција за раце и ознаки поставени на два метри растојание пред секоја каса за наплата, за безбедна, безконтактна продажба. Фестивалот „Охридско лето“ првпат се одржал на 4 август 1961 година во црквата Света Софија со настап на првенката на Македонската опера, Ана Липша Тофовиќ и нејзиниот пијано соработник Ладислав Перлдик. Изведени биле дела од Хендл, Моцарт, Бетовен и Глук. Својата зрелост како манифестација со високи уметнички вредности „Охридско лето“ ја потврди и заокружи во средината на 90-те години, поточно во 1994 год. Кога станува член на Европскиот сојуз на фестивалите со седиште во Женева. Во изминатите шест децении, на „Охридско лето“ продефилираа врвни уметници. Денес фестивалот е синоним за достоинство не само на Охрид, туку и на државата. Преку него светот не препознава на најрепрезентативен начин. Традиционално, манифестацијата е под покровителство на Претседателот на Република Македонија.

Во Куманово отворена изложба „Жените и фотографијата“

$
0
0

Во кумановскиот Центар за култура „Трајко Прокопиев“, денеска беше отворена изложбата „Жените и фотографијата 2020“, која по седми пат ја организира Фото клубот „Куманово“. На изложбата презентирани се дела од 37 авторки од државата. – Објективот на жената фотограф е различен од објективот на маж фотограф, авторката на фотографијата има сосема поинаква перцепција за динамиката на објектите кои се опфатени со кадарот од апаратот. Различноста на перцепцијата се одликува и во квалитетот на фотографијата и во тематиката, објектот на фотографирање и техниката. Авторката преку фотографијата произведува цел свет од доживувања и пресеци на реалност, пишуваат меѓу другото организаторите. Фотографирањето, велат организаторите, може да стане мирен начин жените да го презентираат својот прозорец кон светот и да ја искористат фотографијата за да испратат гласна порака за тоа како сакаат светот да изгледа со целиот нивен идеализам, утопизам, болка и меланхолија поради актуалната состојба. Изложбата ќе биде поставена до 15-ти август годинава. Посетителите се должни да ги почитуваат протоколите и мерките за заштита при посетата на изложбата. Оваа изложба прво требаше да се одржи во март, но поради пандемијата беше одложена.

„Младински музички маратон 2020“ вечер на „Скопско лето“

$
0
0

„Младински музички маратон 2020“ е насловен концертот кој вечер од 20.30 часот ќе се одржи на плоштадот „Мајка Тереза“ во рамки на фестивалот „Скопско лето“. Ќе настапат млади музичари – пијанистите Гоце Златев, Дилек Реџеп и Инес Неделковска, и сопранистката Илина Митревска. На програмата се дела од Лист, Рахманинов, Росини, Пучини, Моцарт, Перголези, Вебер, Шуберт, Равел, Властимир Николовски… Како и другите настани на „Скопско лето“, концертот ќе се одржи според протоколите, бројот на публиката ќе биде ограничен и со задолжително почитување на мерките за заштита – носење заштитни маски, мерење телесна температура, физичка дистанца меѓу посетителите во гледалиштето, дезинфекција и влез на публиката порано, односно од 20 часот.

Проектот „Патиштата на хероите“ на МНТ доби 395 илјади евра од ЕУ

$
0
0

Проектот „Патиштата на хероите“ на Македонскиот народен театар (МНТ) е поддржан од Програмата Креативна Европа, во рамки на повикот за проекти за културна соработка на Западен Балкан со вкупно 395.183 евра. Oва е првпат театар од државава да добие средства од Програмата Креативна Европа од Европската Унија. Како што соопшти денеска МНТ, проектот се занимава со откривање и поддржување на поединците чија еколошка свест придонесува за позитивни општествени промени. Се работи за комплексен проект со времетраење од две и пол години, чиј почеток се очекува во февруари следната година. Покрај МНТ како главен партнер, во проектот се вклучени уште шест организации од кои една од земјава (Издавачка куќа Гаврош) и пет од другите партнерски земји Италија (Ла Драматурџи), Грција (Лооп Амке), Босна и Херцеговина (Студио Театар), Словенија (Институт за театарска игра) и Србија (Ехо Анимато). Секоја од организациите се занимава доминантно со производство, промоција и истражување на театарски и сценски форми. Финален производ на проектот во 2022 година, ќе биде премиерата на копродукцијата „Народен непријател“ на Хенрик Ибзен, во режија на Нина Николиќ во која ќе учествуваат автори од сите партнерски земји, а во изведба на актери од ансамблот на МНТ. – Инспирирано од текстот на Ибзен, претставата ќе се занимава со испитување на улогата на поединецот во општеството, важноста на неговиот глас, како и погубната вистина дека гласот на мнозинството е секогаш помоќен од оној на поединецот независно кој е во право, стои во соопштението од МНТ. Премиерата на претставата ќе се случи во Македонскиот народен театар, а потоа ќе биде изведена во сите партнерски земји, како и на фестивали во Европа и регионот. Во рамките на проектот се предвидени и други бројни програми (професионални работилници под водство на Томи Јанежиќ, изложба под водство на Џан Мариа Черво, креативни истражувања под водство на Ана Константиновиќ, издавачка дејност за деца под водство на Ника Гавровска, како и работилници од областа на современиот танц и гостувања на театарски фестивали итн). (МИА)

Премиера на „Врба“ во Романија, во август и во Кина

$
0
0

Филмот „Врба“ на Милчо Манчевски вечер ќе има романска премиера на најстариот и најголем романски интернационален фестивал – Трансилванија во Клуж-Напока. -Ова е еден од првите фестивали во светот кој ќе се одржи во услови на пандемија – филмовите ќе се прикажат пред публика на отворени простори, соопшти продукцијата „Банана филм“. „Врба“ во август ќе има и кинеска премиера, на фестивалот во Пекинг, каде што ќе биде прикажан во престижната официјална програма за награди. Во програмата „Под ѕвездите“ на интернационалниот филмски фестивал во Нанси, Франција, во август ќе биде прикажан и претпоследниот филм на Манчевски, „Бикини Мун“. Светската премиера на „Врба“ беше на Римскиот филмски фестивал во октомври минатата година, каде што беше забележан со исклучително позитивни критики. Потоа филмот два и пол месеца беше прикажуван во кината низ земјава, а беше и дел од официјалните програми на светските фестивали во Тајпеј, Талин, ФЕСТ во Белград, Бенгалуру во Индија, Синеквест во Калифорнија, Сараево, Софија… „Врба“ ја освои и наградата за најдобар филм во програмата „Недела на режисерите“ на 40. Филмски фестивал „Фантаспорто“ во Порто, Португалија, како и наградата за најдобар филм на камерниот фестивал на независни филмови во Велингтон, Нов Зеланд.

Со концерт посветен на Ана Липша Тофовиќ вечерва отворање на јубилејното 60-то издание на „Охридско лето“

$
0
0

Со концерт посветен на нашата оперска примадона Ана Липша Тофовиќ вечерва во Античкиот театар ќе биде отворено годинешното 60-то по ред издание на Фестивалот „Охридско лето“. Концертот насловен „Вокални бисери – по стапките на Ана Липша“ на верната фестивалска публика ќе и понуди познати светски арии, во изведба на солистите Марија Јелиќ – сопран, Дарио Ди Виетри – тенор, Иван Томашев – бас и Аманда Стојовиќ – мецосопран во пијано придружба на Миливое Велиќ. Свеченото отворање на нашата најреномирана музичко-сценска манифестација и целата фестивалска програма ќе се одржува во сосема поинакви околности, наметнати поради епидемијата на коронавирусот. Јубилејното фестивалско издание за првпат од 1961 година се одржува надвор од вообичаениот термин, од 4 август до 20 септември, со строги придржувања кон протоколите за заштита од ширење на Ковид-19. Од Управата на Фестивалот однапред е нагласено дека независно интересот кај публиката за некоја од понудените содржини, во ниту еден случај нема да биде дозволено пречекорување на однапред предвидениот број седишта. Во текот на наредните 28 фестивалски дена на отворените сцени на Античкиот театар, Долни Сарај, Предворјето на „Света Софија“, како и самата црква ќе има околу 300 уметници од 19 земји, како и голем број домашни уметници. Музичката програма на „Охридско лето“ годинава содржи 26 концерти, од кои два во фестивалската офф-програма. Селекторот на музичката програма Даница Стојанова е особено горда што оваа година приоритет е даден на македонски уметници, како потврда дека токму тие се столбот на домашната уметничка вредност. Фестивалот „Охридско лето“ веќе го носи реномето за еден од најголемите промотори и афирматори на македонската уметност, на македонските композитори и изведувачи. На фестивалската сцена ќе настапат врвни имиња како пијанистите Наталија Трул од Русија, Кемал Гекиќ од САД, Фукио саксофон квартетот од Шпанија, косовскиот гитарист Петрит Чеку, италијанскиот фелјтист Масимо Мерчели, мецосопранот Викена Каменица од Албанија, Келнскиот гудачки секстет, францускиот обоист Ариан Баке, Дуо Солипс…Несекојдневен настан е концертот за четири клавири и оркестар од Чешка, од македонската сцена Марија Ѓошевска, хорскиот ансамбл „Про Арс“ со маестро Сашо Татарчевски, Гордана Јосифова – Неделковска, потоа Скопје танцов театар со Рисима Рисимикин, гала оперска вечер под раководство на диригентката Бисера Чадловска, како и женскиот балетски ансамбл и оркестар од НОБ. Веќе редовни на фестивалот се Вечерите на Музичката младина со камерниот оркестар „Саша Николовски Ѓумар“, тука е и вечерта со музиката на македонскиот композитор Томе Манчев, со нсатапите на Весна Анѓеловска, Маја Шутевска, Љубиша Кировски, Марјан Милошевски, Горан Начевски, Елена Атанасовска, Антоние Весковски, како и уште многу ексклузивни уметнички имиња. Селекторот на драмската програма Александар Поповски пред самото отворање на Фестивалот истакна дека токму со одржувањето „Охридско лето“ во новите околности ја демонстрира важноста на уметноста, важноста на културата. Драмската програма започнува веќе утре со изведбата на претставата „Сестрите Прозорови“ на Чехов, во изведба на Театар „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ од Велес. На програмата се уште изведбите на Драмски театар кој ја носи претставата „Чудесна терапија“, претставата „Човек, ѕвер и доблест“ со Театар Комедија, премиерата „Полковникот Птица“ на Народниот театар од Гостивар, преставата за деца на Театар за деца и младинци „Јованче и Марика“, а затворањето на Фестивалот е резервирано за изведбата на „Бог на масакрот“ на Турскиот театар од Скопје, кој годинава слави 70-годишен јубилеј. Шестдецениското опстојување и успешниот пат од едновечерен концерт до манифестација со врвен светски уметнички дострел Фестивалот „Охридско лето“ ќе го одбележи со промоција на монографијата „Фестивалска приказна“ од авторите Снежана Анастасова-Чадиковска и Роза Нолчева – Ангеловска.

Објавена книгата „За македонскиот XIX век“ од Свето Стаменов

$
0
0

Во издание на „Македоника литера“ од Скопје од печат излезе најновата книга на новинарот на Македонското радио – Радио Скопје и познат македонски публицист Свето Стаменов „За македонскиот XIX век (радио–интервјуа со Славчо Ковилоски)“. Книгата е своевидна збирка од девет интервјуа реализирани во рамки на редовната попладневна програма „Актуелно“ на Македонското радио – Радио Скопје од 2017 до 2019 година со д-р Славчо Ковилоски, научен соработник во Институтот за македонска литература (Одделение за македонска литература во XIX век) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиj“ во Скопје, културолог, книжевен историчар, поет и прозаист, еден од ретките македонски истражувачи кои работат на проблематиката на XIX век. Како што информира авторот, темите на интервјуата се поврзани со македонската книжевност и култура и воопшто со состојбите во нашата држава во XIX век, односно поконкретно се однесуваа на културно-политичката состојба во земјава, на Македонија како „јаболко на раздорот“ на Балканот и во Европа, на продорот на западноевропските влијанија во Македонија, на црковното прашање и за обновата на Охридската архиепископија. Во книгата се опфатени и почетоците и развојот на македонската книжевност во XIX век (жанрови, дела, автори), македонското фолклорно богатство, животот и положбата на македонските жени во градовите и во селата, спецификите на македонското јазично прашање во XIX век. Меѓу темите се и Григор Прличев, еден од најзначајните културни и општествени дејци на македонскиот XIX век, Крсте Петков Мисирков и неговото место во македонската историја, филолошкиот профил на Блаже Конески и неговата улога во стандардизацијата, развојот, негувањето и афирмацијата на македонскиот литературен јазик, на идентитетските прашања итн. – Токму затоа, на оваа книга може да се гледа и како на еден вид кратка историја на општествено – историските и културните настани и процеси што се одвивале на македонската територија во XIX век, смета авторот Свето Стаменов. Пред петнаесетина дена од печат излезе и двотомното издание „Македонија во НАТО“, чии автори се Свето Стаменов и проф. д-р Трајан Гоцевски. (МИА)

Музичка вечер со Дуо „СолиПс“ на „Охридско лето“

$
0
0

Програмата на годинешното издание на „Охридско лето“ за денеска го нуди концертот на Дуото „СолиПс“, со флејтиската Елена Стојческа и гитаристот Роман Петио. Дуото формирано во 2011 година има настапувано на сцени и на фестивали во Франција, Белгија, Чешка, Италија, Русија и Босна и Херцеговина. Од нивните настапи се издвојуваат „Маскфест“ во Сан Марино, „Форфест“ во Кромериц, Интернационалните фестивал „Сараевска зима“, настапот во Музејот на Скрјабин во Москва, настапот на Неделата на класична музика во Лавоар, во Музејот за уметности во Брисел итн… Камерниот состав флејта – гитара го привлекува вниманието на композиторите уште на средината од 20 век, од времето на Астор Пјацола и неговата „Историја на тангото“. Дуо „СолиПс“ свири главно музика создавана во 20 и 21 век од страна на композитори како што се Доина Ротару, Масимилијано Месиери, Тору Такемицу, Венсан Еро, Лоренс Шеер или Едисон Денисов. Од друга страна Дуо „СолиПс“ исто така,покажува интерес за музиката која е инспирирана од фолклорот, па така посебно внимание им посветува на дела од Бела Барток, Душан Богдановиќ, Мирослав Тадиќ, Рави Шанкар. Во 2016 година премиерно го изведуваат делото „Љубовна песна“ од Масимилијано Месиери, композиција создадена и посветена токму за нив, како и делото „Сон во сон“ за флејта, гитара, глас, вудблок и електроника. Американскиот композитор Лоренс Шер делото „Капричиозо“ за флејта и гитара го посветува на дуото „СолиПс“. Флејтиската Елена Стојческа е добитничка на прва награда на Меѓународниот натпревар „АудиМоцарт“ во Роверето, Италија како и на бројни награди од државните натпревари за флејта и камерна музика во Северна Македонија, како и на натправарите „Буфет-Крампон“ и „Гастон Крунел“ во Франција. Елена Стојческа настапувала како солист со Македонската филхармонија, оркестарот „Хајдн“ од Болцано и Тренто, оркестарот „Пoл Кунц“, Симфонискиот оркестар „Бакау“ како и со оркестарот „ Француски флејти“. Како рецитален уметник и камерен музичар настапувала во Франција, Италија, В. Британија, Турција, Луксембург, Холандија, Р.С. Македонија на бројни фестивали. Членка е на ансамблот флејти „Бонсаи“ и на престижниот оркестар „Француски флејти“. Стојческа е добитничка на повеќе стипендии од „Отворено општество“ – Македонија, фондацијата „Албер Русел“, како и од владите на С. Македонија и Франција. Студирала во Македонија, Франција и Италија кај реномирани професори како Пјер-Ив Арто, Петер Лукаш Граф, Винсент Лукас, Аурел Николет, Ирена Графенауер и Бети Станковска. Професор е на Конзерваториумот Ливри-Гарган, како и на Парискиот централен конзерваториум „В.А. Моцарт“. Францускиот гитарист Роман Петио е победник на повеќе натпревари како „Гитарманија“ во Алмада, Португалија и „Гитар Фест“ во Белград, а финалист бил и на натпреварот „Роберт Видал“ во Франција. Како рецитален и камерен музичар настапувал на повеќе значајни фестивали во Франција, Италија, Чешка, Португалија, Русија, Босна и Херцеговина и Шпанија. Премиерно изведува и снима дела за соло гитара од композиторите Лоренс Шер, Венсан Еро и Масимилијано Месиери. Дипломирал со највисоки оценки во школата за музика „Алфред Корто“ и се стекнува со магистерска од областа на педагогијата од Парискиот Конзерваториум. Студирал со Алберто Понсе и Јудикаел Перој, а се усовршувал на мајсторски курсеви кај Дејвид Расел, Зоран Дукиќ, Лоренцо Микели, Павел Стајдл и Карло Маркионе… Живее и работи во Париз каде предава на Регионалниот конзерваториум во Л’ај ле Роз. На програмата на вечерашниот концерт закажан за 21 часот во Предворјето на Света Софија се избрани дела на Џулиани, Дебиси, Пјацола, Шанкар, Равел, Лиобет и Тадиќ.

Маестро Кемал Гекиќ вечер на „Охридско лето“

$
0
0

Сцената на катедралната црква „Света Софија“ за вечер е резервирана за солистичкиот концерт на познатиот пијанист, маестро Кемал Гекиќ. Роден во Сплит, Кемал Гекиќ започнува да учи пијано со проф. Лоренца Батурина, а дипломирал на Музичката академија во Нови Сад во класата на проф. Јокут Михаиловиќ, каде веднаш по дипломирањето ја започнува својата педагошка кариера и до 1999 е шеф на катедрата за пијано. Во 1999 година е резиденцијален уметник и редовен професор на Универзитетот во Мајами, Флорида, а истовремено одржува и мајсторски курсеви на повеќе академии низ светот. Често е дел од жири комисии на меѓународни натпревари за пијано, а од 2010 година е основач на Летната школа и фестивал кои го носат неговото име во родниот Сплит. Пијанистот Кемал Гекиќ настапува низ целиот свет изведувајќи широк репертоар на кој секогаш му дава фасцинантен личен печат. Настапува како солист на рецитали или со оркестри меѓу кои со Кралската филхармонија во Лондон, Варшавската филхармонија, Јапонскиот филхармониски оркестар, во сали како „Гевандхаус“ во Лајпциг, „Сантори Хол“ во Токио и „Кенеди“ центарот во Вашингтон. Гекиќ има снимено 15 солистички албуми, а за неговиот албум со транскрипции на Росини и Лист ја добива наградата „Розета“ која ја доделува „Пингвин“ водичот за музика, додека пак неговата интерпретација на „Трансцеденталните етиди“ исто така од Лист снимени за Џеј-Ви-Си се смета за една од најрелевантните снимки на овој циклус на сите времиња. Номиниран е за наградата „Греми“ за снимката на Концертот „Герника“ од Фредрик Кауфман, дело нарачано и специјално напишано за него. На програмата на вечерашниот концерт се избрани дела за пијано на Бетовен, Шопен, Ален, Лист. Почетокот на концертот е во редовниот фестивалски термин од 21 часот.

На „Охридско лето“ вечер концерт на полско-руското Дуо пијано 4 раце со Јулија Коќубан и Илја Максимов

$
0
0

По синоќешниот концерт на маестро Кемал Гекиќ, музичката програма на „Охридско лето“ продолжува со вечерашниот настап на дуото 4 раце на пијано со уметниците Јулија Коќубан од Полска и Илја Максимов од Русија. Јулија Коќубан е една од водечките пијанистки на нејзината генерација. Нејзиниот деби-албум „Шуман, Шопен, Бацевич“ е оценет од музичката критика како еден од најинтересните полски деби албуми во последните години, а последното ЦД со клавирските концерти на Тансман и Бацевич е номинирано за највисоката наградата во полската музичка индустрија- „Фредерик“. Оваа млада пијанистка веќе настапила во најпрестижните концертни сали како Минхен, Виена, Берлин и Хамбург, а со концерти настапила и на бројни реномирани фестивали во Америка и Азија. Настапува со рецитали, како камерен музичар и со бројни оркестри меѓу кои Виенскиот симфониски оркестар, Оркестарот на Виенското радио, Симфонискиот оркестар во Хамбург под диригентските палки на: Хауард Грифитс, Ханс Граф, Нееме Јарви, Кристјан Јарви, Лахав Шани, Антони Вит, Марек Пијаровски и многу други. Нејзините изведби се снимени за повеќе европски радио и ТВ станици, а некои се издадени за Сони Класикал, Грамола и Полската компанија DUX. Јулија Коќубан дипломирала на Универзитетот „Фредерик Шопен“ во Варшава и на Академијата „Моцартеум“ во Салцбург во класите на професорите Пјотр Палечни и Павел Гилилов, а во 2019 година го брани нејзниот докторат по музика. Покрај уметничката кариера, Коќубан предава на Академијата „Бацевич“ во градот Лоѓ, а истовремено е основач и раководител на Летната академија со името на композиторката Гражина Бацевич. Рускиот пијанист Илја Максимов е победник на интернационалниот натпревар „Ж. Б. Виоти“ во Италија, а неговиот широк репертоар ги покрива делата од раната класика па се’ до модерните композитори, а делата на руските композитори секогаш имале посебно место во неговата концертна кариера. Настапувал во некои од најпознатите концертни сали и на фестивали во Европа, Азија и Америка како Палатите на музика во Барселона и Валенсија, Академијата на уметности во Мадрид, салата „Корто“ во Париз, Карнеги Хол во Њујорк, Камерната сала на Берлинската филхармонија, „Концертгебау“ во Амстердам, салите во Осака, Токио и Сингапур, како и салите во Хавана и Рим. Во 2017 година Максимов го издава неговиот деби-албум со дела од Танеев, Рахмањинов и Прокофјев. Редовно настапува како солист со различни оркестри како Кралскиот шкотски национален оркестар, Оркестарот на театарот „Карло Феличе“ во Фиренца, Симфонискиот оркестар на Вухан, Државниот оркестар во Урал, Националниот оркестар во Хавана, младинскиот оркестар на Сингапур под диригентските палки на: Јустус Франц, Џејмс П. Лиу, Миша Кац, Дмитри Јаблонски, Дарел Анг и Џејмс Рос. Илја Максимов е добитник на највисоки награди на повеќе интернационални натпревари меѓу кои и на натпреварот „Марија Каналс“ во Шпанија, како и натпревари во САД, Шпанија и Шкотска. Во 2011 година на натпреварот „Мusical Olympus” во Санкт Петербург ја добива нагрдата од публиката. Максимов е дипломец од Конзерваториумот „Лицеум“ во Барселона, студирал на Кралскиот колеџ за музика во Лондон и Академијата „Моцартеум“ во Салцбург со реномирани професори како што се: Станислав Почекин, Дмитри Алексеев и Павел Гилилов. Покрај со солистичката кариера, Илја Максимов предава пијано на Академијата „Моцартеум“ во Салцбург. На програмата на вечерашниот концерт во црквата „Света Софија“ се Сонатата за четирирачно пијано на Моцарт, „Мала свита“ на Дебиси и Шестте пиеси Оп.11 на Рахмањинов. Почетокот на концертот е во редовниот фестивалски термин од 21 часот.

Продолжува летното кино, почетоците на проекциите во 20 часот

$
0
0

Од вчера повторно е отворено за публика Летното кино, кое беше затворено поради неколкудневниот период на силни дождови и променливо време што ги зафатија Скопје и поголемиот дел од државата, информираат од Кинотека. Дождовите не само што ја одложија филмската програма на неколку денови, туку го одложија и свеченото именување на ова летно кино, кое во минатата среда (на 5 август) требаше и официјално да го добие името „Мирно лето“, според играниот првенец на филмската режисерска легенда Димитрие Рули Османли. -Името не случајно е избрано за ова летно кино, со желба истото да се одрази и на функционирањето на кинотечната програма овие денови, и навистина летото да мине мирно и во најдобар ред. Логото беше испишано на ѕидот веднаш до филмското платно, поканите врачени, пијалоците спремни… Но, се случи истото како и во филмот, односно новоименуваното кино ја сподели судбината со Мира и Заре, главните ликови на оваа прва македонска комедија од 1961 година. Посакуваното „мирно“ лето се претвори во „бурно“ , а во случајот на Кинотека и – во „дождливо“. Реализацијата на она што е планирано не зависи секогаш од нашите желби и вложувања, велат од Кинотека. Вчера на програмата беше играниот филм ТИЕ (LORO, 2018) во режија на Паоло Сорентино кого го паметиме по оскаровецот „Големата убавина“ (2013) и тв-серијата „Младиот папа“ (2016). Следните денови, ако се е во ред со временските прилики, на репертоарот се документарниот „Битлси: Осум дена во неделата“ на Рон Хауард (вторник, 11 август), комедијата „Скитникот од плажата“ (2019) на Хармони Корин, драмите „Климакс“ (2018) на Гаспар Ное, „Златна ракавица“ (2019) на Фатих Акин, „Офицер и шпион“ (2019) на Роман Полански и други. Откажаните проекции на филмовите ќе бидат презакажани наредниве денови, информираат од Кинотека. Оттаму ги потсетуваат љубителите на филмот дека проекциите почнуваат во 20 часот.

Викендов прво летно „Драјв ин“ кино во Охрид

$
0
0

Во Охрид овој викенд првпат ќе се одржува летно авто кино, со проекција на познати филмови што вљубениците во седмата уметност ќе можат да ги следат од своите автомобили. Тридневната проекција што ќе се одржува од 14 до 16 август ќе се изведува на паркиралиштето кај плажата Горица 3, со почеток од 21 часот. За да бидат избегнати гужви паркингот ќе биде отворен од 19:30 часот со „Pre-movie Warm Up“ програма со настапи на ди-џеи и други изненадувања. Билетите што се во ограничен број чинат 400 денари од автомобил со двајца (согласно пропишаните протоколи и мерки за заштита од Ковид-19). На програмата се блокбастерите „Малиот гангстер“ на 14 август, „Панкот не е мртов“ на 15 август и „Куќата што ја изгради Џек“ на 16 август. Организаторите на „Драјв ин“ киното ги предупредуваат посетителите на задолжителните мерки за заштита од коронавирусот, носење заштита опрема, следење на препораките на редарите и без потреба да не излегуваат од возилата.

Словенечкиот гудачки квартет „Дисонанс“ денеска на програмата на „Охридско лето“

$
0
0

Деветиот фестивалски ден на годинешното издание на „Охридско лето“ резервиран за концертот на словечениот гудачки квартет „Дисонанс“, во состав Јанез Подлесек како прва виолина, Матјаж Поровне како втора виолина, Оливер Диздаревиќ на виола и Клемен Хвала на виолончело. Уметниците од гудачкиот квартет „Дисонанс“ прв пат се собрале во 2014 година за премиерно да изведат дело на словенечкиот композитор Лојзе Лебич, компонирано три децении претходно. Изведбата на делото во квартет била одлично примена од стручната публика, а музичкиот критичар Грегор Помпе за дневниот весник „Дневник“ ќе напише: „Овој ад-хок составен квартет за изведба на делото од Лебич беше вистинско изненадување. Станува збор за дело штое е бескомпромисно модерно, поради што веројатно досега не се нашле домашни музичари кои би го извеле, но затоа детерминираноста на младите музичари од Словенечката филхармонија длабоко навлезе во звучните каскади и придонесе кон возбудлива изведба. Би било навистина одлично кога овие музичари би креирале постојан ансамбл“. По таквиот прием кај критиката членовите на „Дисонанс“ навистина одлучиле да останат присутни на класичната музичка сцена, именувајќи го ансамблот со името на Моцартовиот гудачки квартет во C-dur, KV 465. Од основањето квартетот „Дисонанс“ има настапувано во концертното ателје на Сојузот на словенечките композитори, на Светските музички денови во 2015, на фестивалот Собошки денови во 2016, на фестивалот во Марибор, на интернационалното биенале за современа музика во Копер и др. Во соработка со италијанскиот кларинетист Микеле Марели квартетот настапува на летниот фестивал во Акви Терме, Алесандрија во 2015 година, а го реализира и проектот„Деконструиран Моцарт“ во рамките на интернационалниот циклус „Симфониски гласови“ во Копер. Според членовите на ансамблот, името на квартетот ја отсликува нивната тенденција покрај класичната музичка литература, посветено да изведуваат и современа музика, особено напишана од словенечки композитори. На програмата на вечерашниот концерт се дела на Тартини, Лебич, Волф и Бетовен. За „Дисонанс“ е резервирана сцената на Предворјето на катедралната црква „Света СОфија“, со почеток на концертот од 21 часот.

Украинското дуо Ткаченко – Лопатински, Гала концерт и балетот Болеро на Националната опера и балет на „Охридско лето“

$
0
0

Десеттиот фестивалски ден на „Охридско лето“ носи две интересни содржини, концерт на украинското дуо Дима Ткаченко на виолина и Роман Лопатински на пијано, како и Гала концерт и премиерната изведба на балетскиот спектакл „Болеро“ на Националната опера и балет. Концертот на украинското дуо е од 20 часот во катедралната црква „Света Софија“, додека настапот на уметниците од Македонската опера и балет е од 22 часот на сцената „Долни Сарај“. Виолинистот Дима Ткаченко започнува да учи виолина и пијано пред да наполни шест години. Учел на Школата за музика „Лисенко“ во Киев, а дипломирал на Музичката Академија во Киев во класите на Богодар Которович и Јарослав Ривниак. Во 1998 година поканет е да студира во Лондон во школата „Гилхол“ со Ифрах Ниман каде во 2002 година е избран за стипендијант и до 2008 година работи со Кшиштов Смиетана и Давид Такено. Добитник е на највисоката награда на „Гилхол“- Диплома за концертен рецитал (Premier Prix), а носител е на награди и признанија од меѓународни натпревари како „Карл Нилсен“ во Данска, Натпреварот „Лисенко“ во Киев, и натпреварот за соло виолина „Вронски“ во Варшава. Концертно настапува ширум Европа, Азија и Америка, во концертни сали како Вигмор Хол, Барбикан и Кадоган Хол во Лондон, Концертгебау во Амстердам, салата „Рој Томсон“ во Торонто, Филхармонијата во Келн, Големата сала на Московскиот Конзерваториум, салата „Лист“ во Будимпешта, Концертхаус во Берлин, Мегарон во Атина, Палатата на музиката во Барселона и Националниот аудиториум во Мадрид. Неодамнешните настапи со оркестар ги вклучуваат МАВ оркестарот во Будимпешта, Рускиот РТВ оркестар во Москва, Симфонискиот оркестар на Украина, Престедателскиот и оркестарот „Билкент“ во Анкара, Истанбулскиот симфониски оркестар, Кралскиот филхармониски оркестар во Лондон, Филхармонијата на Краков, Симфонискиот оркестар на Чиле, Атинскиот државен оркестар, оркестарот во Астана и др. Концертните турнеи го носат во Шпанија и Германија, а рецитално настапува во В. Британија, Украина, Франција, Јапонија, Сингапур, САД, Италија, Литванија, Унгарија и Полска. Настапува како солист со Националниот симфониски оркестар на Украина при нивната турнеја во САД. Дима Ткаченко предава на Музичката академија во Украина, одржува мајсторски курсеви во Јапонија, Кореја, Сингапур, Кина, Турција, Малта, Полска и Литванија, и е член на жири на повеќе меѓународни натпревари. Еден од основачите е на интернационалниот натпревар „Бенџамин Бритн“ во Лондон и е уметнички директор на меѓународниот натпревар „Лисенко“ во Киев, Украина. Роман Лопатински е роден во Киев во 1993 година, започнал да свири пијано на петгодишна возраст и само по три години веќе ја добива првата специјална награда. Во 2009 година започнува да учи со Борис Петрушански на Интернационалната академија „Incontri con il Maestro” во Италија, а истата година ги започнува студиите во класата на Сергеј Рабов на музичката академија „Чајковски“ во Украина. Лопатински е лауреат на повеќе од 20 меѓународни натпревари како „Хамамацу“, „Бузони“ во Болцано и „В. Хоровиц“ во Киев, натпреварот „Лучано Лучиани“ во Косенца и „Руска музика за пијано“ во Сан Ремо. Во 2017 година бил член на Фестивалската академија во Хајделберг. Редовно настапува во светски познати концертни сали како салата „Гинза“ во Токио, Стенвеј хол во Њујорк, а дебитира и во двете најпрестижни сали во Австрија „Музикферајн“ и Концертхаус. Настапува и на признати фестивали меѓу кои Интернатционалниот пијано фестивал Мариниски во Санкт Петербург, Фестивалот во Бад Рагаз во Швајцарија, фествалот „Пролет во Хајделберг“ и многу други, а соработува со националниот симфониски оркестар и филхармонијата во Украина, со Симфонискиот оркестар во Токио, Оркестарот на германското радио во Сарбрукен, оркестарот на Арена ди Верона, и оркестарот на театарот во Болоња. Музичката вечер на „Охридско лето“ после концертот продолжува на големата сцена кај „Долни Сарај“ каде уметниците од Националната опера и балет на фестивалската публика ќе и понудат несекојдневно доживување со голем Гала концерт со настап на солистите Сандра Митровска – сопран, Катерина Стојановска – сопран, Ѓорѓи Цуцковски – тенор и Владимир Саздовски – бас, во придружба на орекестарот на НОБ под диригентста управа на Бисера Чадловска. Веднаш потоа следува премиерната изведба на балетскиот спектакл „Болеро“ на Морис Равел во изполнение на Женскиот балетски ансамбл при НОБ. Во најавата за вечерашниот спектакл на фестивалската програма на „Охридско лето“ стои дека танцот е прослава на животот, танцот е уметност на простор и време, едно бесконечно патување,една форма на медитација која живее низ векови. „Танцот е аранжман или патерн во простор и време,исто како и музиката,и привлекува временски ритам,како и музиката. Танцот носи ритам и во двете сфери-звучен и визуелен.Танцот е уметност во временскиот простор и како таква е единствена. Музиката мора да биде поврзана со движењето,магнетни сили кои обединуваат групи,а силите на ритамот го носат телото низ просторот. Имајќи ги овие овие цитати како референца за делото,темата со која се занимаваме е многу комплицирана и ограничена,но сепак ни дава една слобода на изразување. Имајќи ја оваа идеја,ги гледам играчите како музички ноти кои патуваат низ времето и просторот,музиката е основата,а телото е инструментот.Како што сликарот ја користи четката на платно,скулпторот ги користи своите раце или писателот користејќи ги празните страници,пополнувајќи ги со секоја буква.Танцот ги поврзува уметноста и културата,што ги обединува сите нации низ целиот свет. Танцот е универзален јазик“, стои во најавата на вечерашниот музичко-сценски спектакл. 

„Атараксија“ со Бобан Мирковски и оркестар премиерно на „Охридско лето“

$
0
0

После вчерашниот настап на оперските солисти, оркестарот и балерините од Националната опера и балет, програмата на „Охридско лето“ продолжува со уште една премиерна изведба, овојпат на делото „Атараксија“ во изведба на пијанистот Бобан Мирковски како солист со оркестар под диригентската управа на маестро Љупчо Мирковски кој е и композитор. „Атараксија“ е модерна, поп–симфонија во 4 става напишана за пијано и симфониски оркестар. Тоа дело на Љупчо Мирковски е спој на целокупупното негово творештво кое опфаќа музика за оркестар, соло инструменти, од театарски претстави, филмска музика, џинглови, детска и поп музика, како и народна, сериозна и џез музика. „Атараксија“ претставува спој на повеќе музички жанрови кои ја покажуваат целата музичка префинетост на композиторот, со лесно прифатлива мелодиска линија и прогресивна хармонија каде на многу вешт начин ги користи сите инструменти. Оваа поп – симфонија покрај различните жанрови, следи и повеќе музички трендови кои се менуваат со текот на годините. Едноставно кажано, „Атараксија“ е 50-минутно музичко парче за уживање, лесно прифатливо за сечие уво. Во рамки на концертот ќе биде изведена и маестралната „Рапосодија во сино“ на Гершвин. Бобан Мирковски е роден 1991 година во Скопје. Основното и средното образование го завршува во МБУЦ “Илија Николовски -Луј“ во класата на проф. Даница Стојанова. Дипломира во 2013 година на Факултетот за музичка уметност во Скопје, во класата на проф. Симон Трпчески, а во 2015 година ги завршува пост-дипломските студии на ФМУ Скопје во класата на проф. Александар Сердар (Р. Србија). Посетува мајсторски курсеви кај Во своето образование има посетувано и неколку меѓународни семинари кај еминентни уметници како Ж. Захариева, Ј. Михајловиќ, Ф. Турисини, А. Леимони, Б. Романов и др. Има остварено голем број концерти во Македонија и странство и има освоено награди на голем број домашни и меѓународни натпревари како две први награди и лауреат на натпреварот „Арс Косова“ во Приштина, прва награда на натпреварот „Даворин Јенко“ во Белград, трета награда и награда за највиртуозен изведувач на натпреварот „Музиката и земјата“ во Софија . Настапува како солист со Филхармонијата на Северна Македонија , а со музички рецитаи настапува во Сан Даниеле (Италија, Босковице (Чешка), Вашингтон (САД) како и на концерти во градовите низ Р.Северна Македонија. Моментално работи како професор по пијано во ДМБУЦ “Илија Николовски – Луј“. Диригентот и композитор Љупчо Мирковски основното и средно музичко образование го завршува во МБУЦ „Илија Николовски – Луј“, а дипломира на Факултетот за музичка уметност во Скопје на инструменталниот отсек. Негов прв поважен настап е улогата во операта „Оџачарчето Сејм“ на сцената на Националната опера на која го игра главниот лик на оџачарчето Сејм. За прв пат се појавува на „Скопскиот фестивал“ во 1971 година на кој се претставува со песната „Арлекин“ и станува познат под тоа уметничко име до денес. Неговата прва композиција се изведува на фестивалот „Омладина“ во Суботица во 1974 година, а првиот аранжман за помал состав го има напишано во 1977 година. Во текот на својата младост членувал во неколку домашни музички состави со кои настапува на манифестации како: „Скопски рок вечери“, Фестивал „Омладина“, фестивал „Опатија“, „ Скопски фестивал“, како и на првиот „ Скопски џез фестивал“ во 1982 година. Мирковски својата долгогодишна работна кариера ја започнува како прв трубач на Танцовиот оркестар во МРТ, каде работи до денес. Во текот на работниот век остварува значајни резултати со Танцовиот оркестар на МРТ како трубач, композитор и диригент. Како композитор, аранжер и продуцент има остварено голем број на музички дела и соработки со познати домашни и странски музичари. Во текот на својата музичка дејност има напишано музика за театарски претстави, играни серии, филмови. Има напишано музика за повеќе од 200 џинглови, химни и рекламни спотови. Најголем дел од опусот на Љупчо Мирковски се повеќе од 200 композиции од областа на популарната музика, музика за деца, народна и инструментална музика за кои има освоено огромен број на награди. Мирковски како автор учествува на странски музички фестивали во земјите на поранешна Југославија, а се јавува и како автор на композиции на два компилациски албуми со инструментална музика за „Mood spectrum Music Publishers“ од Лондон, Велика Британија. Концертот ќе се одржи на сцената „Долни Сарај“ со почеток од 22 часот. Претходно во предворјето на „Света Софија“ од 20 часот ќе биде промовирана и монографијата „Фестивалска приказна“ по повод 60-годишнината од Фестивалот „Охридско лето“ на авторите Снежана Анастасова –Чадиковска и Роза Нолчева-Ангеловска. Авторите на монографијата се академски музичари и публицисти кои припаѓаат на две различни генерации – секоја со свои значајни искуства и доживувања од фестивалот „Охридско лето“. Спојот на генерации обединети во заедничка цел, најчесто значи и взаемно дополнување и разнообразност – елементи што даваат поинаква атрактивност на самото дело. Монографијата „Фестивалска приказна” е двојазична, на македонски и англиски јазик, богато илустрирана, како со фотодокументи од бројни настапи на врвни уметници, така и на начин кој неминовно ја потцртува поврзаноста на Охридско лето со суштината и историските специфики на самиот град Охрид. Ја опишува историјата на фестивалот со нови и разнообразни сознанија, потсетува на неговите почетоци, развојот и културолошкото значење на манифестацијата, особено сознанијата на помладата, нова генерација фестивалски вљубеници.

Објавена книгата „Подемот и падот на кинеските династии“ од Ма Сиаодонг

$
0
0

Друштвото за издавачка дејност „Македоника литера“ од Скопје ја објави книгата „Подемот и падот на кинеските династии“ од Ма Сиаодонг, во превод од англиски јазик на Љубица Стефановска. Книгата содржи сто вистински приказни за древните кинески владетели. Таа, всушност, претставува куса историја на Кина и на кинеската цивилизација, од почетоците на оваа најстара жива цивилизација па до последниот кинески цар, раскажана со едноставен и лесен стил низ приказни. Поточно, „Подемот и падот на кинеските династии“ ја раскажува историјата на Кина од легендарните три кралства и пет царства до падот на династијата Ќинг. Како што соопшти „Македоника литера“, со овие приказни за кинеските кралеви и цареви и за подемите и падовите на династиите во Кина, книгата е особено погодна за читателите кои се интересираат да добијат општи познавања за кинеската култура и историја. (MИА)

Струшки вечери на поезијата во скратена форма, лауреатот на „Златниот венец“ ќе дојде идната година

$
0
0

За да го зачува континуитетот што го има од 1961 година, фестивалот Струшки вечери на поезијата ќе се одржи и годинава и ќе ги има препознатливите програмски содржини, но во редуцирана форма и ќе трае пократко, од 28 до 30 август. Како што соопшти дирекцијата на фестивалот, Комисијата за заразни болести го одобрила подготвениот протокол за негово организирање. -Сегашните околности дозволуваат да се организира фестивал со физичко присуство на домашните поети, а поканетите учесници од странство, поради рестрикциите во однос на патувањата и авионските летови, но и заради минимизирање на ризикот од ширење на вирусот, ќе бидат претставени преку видеочитања. Специјално видеообраќање како и видеочитање, подготви и годинешниот лауреат на СВП, израелскиот поет Амир Ор, кој ќе биде специјален гостин на наредното, јубилејно 60-то издание на СВП во 2021 година, кога и ќе му биде врачен „Златниот венец“, заедно со лауреатот за 2021 година, соопштија од СВП. Повеќе од 30 домашни и странски поети ќе учествуваат на главните фестивалски читања. Дел од програмата ќе бидат и петте кандидати од потесниот избор за наградата „Браќа Миладиновци“ која што ќе биде доделена и оваа година за најдобра поетска збирка помеѓу две изданија на СВП, а ќе бидат застапени и слем-поети од земјава и од странство. Согласно со протоколите за организација на настани во услови нa пандемија, СВП подготви предлог-протокол за одвивање на фестивалот, што беше одобрен од Комисијата за заразни болести. За намалување на ризикот од ширење на вирусот, како и заштита на здравјето на учесниците и на публиката, оваа година има измена на локацијата на одржување на фестивалот. Најсоодветна алтернатива за организација на програмата, наведуваат од СВП, е покриената тераса на хотел „Дрим“, на која и вообичаено се одвиваат дел од програмските активности во редовните изданија на фестивалот. – Физичкото присуство на публиката ќе биде ограничено поради капацитетот на просторот и поради протоколите за заштита, но програмата на фестивалот, почнувајќи од минатогодишното издание, целосно се пренесува во живо на официјалниот Јутјуб-канал на СВП, така што ќе биде овозможено целосно следење од поширок аудиториум. Престојот на учесниците е регулиран согласно протоколите за работа на хотелот во услови на пандемија. Ќе има обезбеден организиран превоз за учесниците на релација Скопје – Струга – Скопје, а избраниот економски оператор е должен да ги спроведува протоколите за превоз на патници во услови на пандемија, се наведуива во соопштението од дирекцијата на Струшки вечери на поезијата.

Косовскиот уметник на гитара Петрит Чеку вечерва на „Охридско лето“

$
0
0

Фестивалот „Охридско лето“ продолжува да ја живее својата магија со вечерашниот настан од музичкиот дел на програмата – концертот на косовскиот уметник на гитара Петрит Чеку. За Чеку критиката вели дека неговиот специфичен сензибилитет и експресивност се главните карактеристики што ја привлекуваат публиката на неговите концерти насекаде низ светот. Настапува како солист на рецитали, но и со Симфонискиот оркестар на Балтимор, Чешката камерна филхармонија, Филхармонијата на градот Дижон, Државниот оркестар Ермитаж од Санкт Петербург, Филхармонијата „Панон“ и Загрепската филхармонија. Редовно настапува со гудачкиот ансамбл „Загрепски солисти“ и е основач на Триото гитари „Елогио“. Критичарот Колин Купер го нарекува Чеку „солист со највисоки перформанси“, квалитет кој му носи победи на многу интернационални натпревари за гитара меѓу кои најпрестижни се секако натпреварот „Паркенинг“ во Малибу, САД, „Шадт“ (Алентаун, САД), „Биазини“ и „Питалуга“ во Италија. Петрит Чеку роден е 1985 година во Призрен, првите часови по гитара ги добива од Луан Сапунџиу, за во 2002 година да се пресели во Загреб откако добива покана да учи со Џевдет Сахатџија. Во 2008 година дипломира на Музичката академија во Загреб во прочуената класа на Дарко Петрињак, а продолжува да студира со големиот мајстор на гитарата Мануел Баруеко на Конзерваториумот „Пибоди“ во Балтимор каде во 2013 ги завршува студиите. Од 2019 г. Чеку предава камерна музика за гитара на Универзитетот за музика и изведувачки уметности во Грац. Првото ЦД на Чеку го издава компанијата Наксос во 2008 година, а во мај 2015 г. шпанската издавачка куќа „Еудора“ го издава ЦД-то со сите шест свити за виолончело од Јохан Себастијан -Бах, транскрибирани за гитара од страна на Валтер Дешпаљ. На програмата на вечерашниот концерт се дела за гитара на Бах, Моцарт, Бетовен, Листеш. Концертот ќе се одржи на сцената во катедралната црква „Света Софија“ со почеток во стандардниот фестивалски термин од 21 часот. аб/сп/ 2020-08-15 07:48:54, од Александар Бачиќ, Охрид
Viewing all 3463 articles
Browse latest View live