Quantcast
Channel: Култура – Kurir.mk
Viewing all 3463 articles
Browse latest View live

Француското дуо Ариан Баке и Теодор Ламбер вечер на „Охридско лето“

$
0
0

Музичката програма на „Охридско лето“ за вечерва нуди целовечерно уживање со концертот на француското дуо Ариан Баке на обоа и Теодор Ламбер на пијано. Разновидната кариера на Ариан Баке вклучува настапи како солистка, оркестарски и камерен музичар и активна педагогија. Во постојана потрага по нови предизвици и нов репертоар, Баке е дел од различни проекти и е член на оркестарот во градот Лил, операта во Лимож, ансамблот „Апасионато“, а често е дел од камерни состави како: дувачки квинтет, дуо со пијано и слично. Во последните две години таа е дел од повеќе интернационални оркестри, како оној на фестивалот Шлезвиг-Холштајн, а преку таквите активности и се укажува можност да свири во познати германски концертни сали, како новата филхармониска сала во Хамбург, Концертхаус во Берлин со диригенти од рангот на Кристоф Ешенбах со кој исто така настапила во дуо- на концерт снимен од НДР. Покрај класична музика, Ариан Баке свири и џез и електронска музика настапувајќи со ансамблот „Арт соник“ со кој свири популарна музика, електро музика и слободни импровизации. Во 2014 дипломира обоа и камерна музика, а подоцна и магистрира на Парискиот конзерваториум. Покрај музика, таа студира и француска литература. Пијанистот Теодор Ламбер дипломира на Конзерваториумот за музика во Париз и е лауреат на повеќе интернационални натпревари како „Виртуози на срцето“, натпреварот „Шопен“ во Брест и натпреварот „Клод Бонетон“. Настапува како солист на фестивали во Германија, Холандија и Франција, а како камерен музичар има завидна кариера со ансамблот „Аралиа“ што настапува како резидентен ансамбл во Европскиот центар за камерна музика. Покрај тоа настапува на познатиот клавирски фестивал Рок Д’ Антерон и во Москва, Манчестер, Хаг, Савона и Сполето. Активен е и како композитор, неговите дела се изведувани во Франција и Канада, а последното дело за 13 инструменти е нарачка од Парискиот конзерваториум и премиерно е изведено на Фестивалот во чест на Дебиси. На програмата на вечерашниот концерт се дела на Шуман, Дранишкова, Чајковски, Пуланк, Рахмањинов, Паскули. За настапот на француското дуо е резервирана сцената во Предворјето на катедралната црква „Света Софија“ од 21 часот.

Библиотеката „Григор Прличев“ од Охрид подари книги за Здружението на лица со телесен инвалидитет „Мобилност“

$
0
0

Националната установа Библиотека „Григор Прличев“ од Охрид во рамките на своите програмски активности за ширење на читателската публика и култура подари книги на Здружението на лица со телесен инвалидитет од општините Охрид и Дебрца „Мобилност – Охрид 1988“. Меѓу подарените книги од сопствено издание на библиотеката има и дела кои претходно поголем број автори меѓу кои и Вера Самарјанин и Миле Миќуновиќ ги подарија на Библиотеката, за во нивно име установата да ги подарува таму каде што ќе се добредојдени и посакувани. Според зборовите на претседателот на „Мобилност“ Венко Голабоски, нивните членови од почетокот на септември книгите ќе можат да ги читаат и разменуваат бесплатно.

Јубилејното 15-то издание на „Астерфест“ целосно онлајн, од 28 до 31 август

$
0
0

Петнаесетото издание на струмичкиот интернационален фестивал за краток филм „Астерфест“ ќе се одржи целосно онлајн, од 28 до 31 август, со акцент на филмските содржини. Организаторите се одлучија за вакво видоизменето издание соочени со препреките што ги наметна пандемијата, но и заради запазување на континуитетот, со план за враќање на концептот со класичните проекции догодина. Годинашното мото на „Астерфест“ е „Движења, патеки“. Селекцијата е составена од 30-тина кратки филмови од разни страни на светот, но и од македонската продукција. – Во натпреварувачката програма ги имаме добитникот на Оскар, звучни наслови и имиња од Европските филмски награди, БАФТА, Трибека, како и неколку врвни дебитантски дела. Ретроспективната програма опфаќа дел од кратките филмови кои оставиле некаков белег на Фестивалот, а ќе има и три дигитализирани кратки филма од опусот на Бранко Гапо, првиот лауреат на Астерфест во 2006 година, информираат организаторите. На самиот почеток на Фестивалот ќе има кратко обраќање на познатата шкотска режисерка Мораг Меккинон, а потоа со пригодна видеопорака ќе се обрати и режисерот Пиро Милкани, легенда на балканскиот филм, кој е лауреат на престижната награда „Астер“ оваа година, за неговиот монументален филмски опус. Милкани е роден во 1939 година во Корча, студирал на ФАМУ во Прага, а потоа со години работел во Албанија каде снимил голем број играни и десетици документарни и кратки филмови. Филмската програма на „Астерфест“ ќе се емитува од 28 до 31 август онлајн секоја вечер со почеток од 19:30 часот, а филмовите ќе бидат достапни само по една вечер, бесплатно. Пред краткометражните филмски блокови ќе има кратки видеопораки од автори од САД, Мексико, Португалија, Русија, Велика Британија, Аргентина, Бугарија, Романија… Интернационалното стручно жири, кое ќе одлучува за „Златната“, „Сребрената“ и „Бронзената потковица“, е составено од филмологот Марјан Цуцуи, продуцентката Елени Чандриноу и режисерот Горан Радовановиќ. Сите насоки, упатства и програмски термини за онлајн прикажувањата ќе бидат наведени на веб-страницата www.asterfest.com, како и на Фејсбук страната на „Астерфест“.  (MИА)

„Идентитети“ на Расима Расимкин и „Скопје танцов театар“ вечер на „Охридско лето“

$
0
0

Четиринаесеттиот ден на програмата на „Охридско лето“ е резервиран за „Скопје танц театар“ и перформансот „Идентитети – историја на еден растегнат сон“ на сцената на Предворјето на „Света Софија“ од 21 часот, по повод 30-годишнината од кореографското творештво на Рисима Рисимкин. Танцови солисти на вечерта посветена на Расимкин ќе бидат Андријана Данчевска во улогата на фатална жена, Мими Поп-Алексова како божица, Анастасија Данчевска – лебед, Дејан Битровски – мистик, Валентино Апостоловски како човекот, антихеројот Бобан Русески и Исидора Краљевска како „Bombshell“. Со претставата „Идентитети“, која беше изведена на 15-тиот „Танц фест“ во 2019 година, Рисимкин е поканета да гостува во еден од најпрестижните светски театари за современ танц, Националниот театар „Шајо“ во Париз, што е прво гостување на современ кореограф од нашата земја, но и од целиот регион. Рисима Рисимкин е еднa од водечките македонски кореографки и уметничка директорка на „Танц фест“ Скопје и „Скопје танцовиот театар“, првата официјална компанија за современ танц во земјата. Таа е основач на Катедрата за современ танц при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, што произлегува од нејзината соработка со една од најдобрите светски академии за современ танц – Ротердамската академија за современ танц, дел од универзитетот КОДАРТС во Холандија. Оваа високообразовна програма започнува со работа во земјава во 2010 година, а од 2017 година е во рамките на УГД, како единствена академија за создавање современи танчари, не само во нашата земја туку и во целиот регион. Како професор за современ танц, импровизација и композиција и кореографија, Рисимкин предава на Универзитетот „Антон Брукнер“ од Линц, Австрија (2019), Универзитетот „Минзу“ и Пекингшката академија за современ танц во Пекинг, Кина. Академијата за изведувачки уметности во Братислава, „Holland Dance Festival“, Хаг, Холандија (2018) и на Бродвеј, Њујорк (2018), предава на Летениот камп за современ танц во Кина во 2015 и во 2016 година. Рисимкин е автор на повеќе трудови за современиот танц и теорија на танцот: „Компаративна поетика на современите танцови стилови во Европа – 20 век“ , докторски труд „Историја на современиот танц – 20 век“, „Теорија на танцот“. Таа е уредник на повеќе книги за танц, како: „Волшебниот свет на танцот“, „На крилјата на танцот“, „Патот на промените“, „Скопје танцова академија“, „Нов танцов театар“ а преку Интерарт центарот, се јавува како издавач на книгата поддржана од УНЕСКО „Уметноста на танцот“. Во периодот од 2005 до 2013 година, Рисимкин е член на Управниот одбор на ЦИД УНЕСКО (Интернационален совет за танц, под покровителство на УНЕСКО) во Париз, Франција, во два последователни мандата. Во сезоната 2012-2013 е уметнички директор на Националниот балет на Анталија, Турција. Основач е на Интерарткултурниот центар (1996) преку чии активности ја развива македонската современа танцова сцена. Се вбројуваме меѓу најплодните современи македонски кореографи, како авангарден претставник во современото творење. Ја претставува активно Северна Македонија на меѓународната современа танцова сцена со свои претстави, за кои добива одлични критики. Добитник е на повеќе награди, меѓу кои и Награда за исклучителен придонес за развој на културата во Република Северна Македонија. Рисима Рисимкин се претставува како кореограф во Данска, Германија, Грција, Португалија, Нигерија, Хрватска, Србија, Бугарија, Црна Гора, Велика Британија, Холандија, Кина, Словенија и САД. „Скопје танцов театар“ е основан во 2011 ггодина како прва компанија за современ танц во Македонија, предводена од Рисима Рисимкин, како основач и уметнички директор. Компанијата во континуитет активно работи на создавање, промоција и презентација на современа танцова уметност кај нас, како и нејзин пласман на светската танцова сцена. Работата на театарот промовира нова естетика и се занимава со истражување и продукција во областа на современиот танц. „Скопје танцов театар“ има повеќе целовечерни продукции, како „Меѓусвет“, „Орландо“, „Човек во ходникот“, „ХОТ“, „Потрага“, серијата претстави под име: „ИМПУЛС“, потоа „О!(тело), „СМС (сите мои слики), „Блесок“; „Патот“, „Кожа“, „Нулта точка“, „Д.О.Л.“, „Егзистирање“… На неговиот репертоар, покрај делата на Рисимкин, се изведуваат короеграфии на Џенис Бренар и Шон Скантелбјури, Џоан ван дер Маст, Нил Вердрун и Тим Персент, Катцура Кан, Антон Рудаков, Антонело Тудиско…

Онлајн-промоција на „Девет – роман во илустрирани приказни“ од Славимир Стојановиќ-Футро

$
0
0

Книгата „Девет ‒ роман во илустрирани приказни“ на белградскиот графички дизајнер Славимир Стојановиќ-Футро, еден од најпознатите во регионот, вечер во 19 часот ќе има онлајн-промоција на фејсбук-страницата на „Литература.мк“. Делото, како што соопшти „Арс Ламина“, е преведено на македонски јазик во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина ‒ публикации“ и веќе може да се најде во сите книжарници „Литература.мк“ или да се нарача онлајн. (МИА)

Традиционалната „Вечер на ЕУ“ во рамки на „Охридско лето“ со уметниците Ное Инуи на виолина и Василис Варварос на пијано

$
0
0

Фестивалската програма „Охридско лето“ ја продолжува со веќе традиционалната „Вечер на Европската Унија“, во чии рамки на сцената на Предворјето на „Света Софија“ ќе настапат виолинистот Ное Инуи од Белгија, во придружба на Василис Варваресос од Грција на пијано. Домаќин на настанот ќе биде амбасадорот Самуел Жбогар, шеф на Делегацијата на Европската Унија во земјата. Делегацијата на ЕУ четиринаесет години непрекинато го поддржува организирањето на настанот „Вечер на Европската Унија“ во рамките на фестивалот „Охридско лето“. Делегацијата го поддржува учеството на голем број европски уметници на фестивалот со што ја поттикнува меѓукултурната соработка и размена. Настанот „Вечер на Европската Унија“ започна да се организира во 2007 година со извонредниот настап на Барокниот оркестар на Европската Унија. Инаку, Ное Инуи започнал да учи виолина на само четири години. Студира на конзерваториумите во Брисел, Париз, Карлсруе и Дизелдорф што му овозможува да ги запознае различните виолински „школи“- француско-белгиската, германската и руската преку дидактичките стилови на педагозите Галамијан и Столјарски. Тие познавања во спој со карактерот на Ное Инуи резултираат со длабоко проникнување во музичката суштина кое е надополнување на неговата врвна виртуозност. Неговиот талент е наградуван на меѓународни натпревари и тоа во 2005 година на натпреварот „Сибелиус“ добитник е на специјалната награда за млади таленти, во 2007 година добива медал на натпреварот „Луис Шпор“ а во 2009 година е добитник на награда од фондацијата Млади концертни уметници во Њујорк. Награден е од министерството на Северна Рајна-Вестфалија, а во 2012 година на фестивалот „Вербие“ ја добива наградата „Јулиус Бар“за исклучително талентиран музичар. Во 2020 година Концертгебау во Амстердам го вбројува Ное во нивната селекција „Европски класични музичари на иднината“. Од 2011 година наваму, Ное настапува на турнеи во Јапонија барем два пати годишно, а настапува со Јапонската филхармонија, Симфонискиот оркестар во Токио, како и со Симфонискиот оркестар во Каосиунг, но и во Европа со Националниот белгиски оркестар, Државната филхармонија во Атина, камерниот оркестар на Штутгарт со диригенти како Александар Лазарев, Андреј Борејко, Александар Џоел, Даниел Инбал, Пол Мејер, Денис Расел Дејвис, Пабло Гонзалес Кен-Давид Мазур и Николај Алексеев. Редовно соработува со Холандската опера и балет каде како концертен солист настапува во повеќе балетски изведби. Ное ужива во настапи како камерен музичар, настапувајќи со Василис Варваресос и Марио Херинг, а по неколку години со триото на Карло ван Несте, тој го основа Пијано-квартетот „Корнеил“, додека пак со пијанистот Варваресос и виолончелистот Бенедикт Клокнер го имаат и Триото „Бел Арте“. Како член на поголеми ансамбли, настапува со легендарните Марта Аргерич, Леонидас Кавакос и Џулиен Квентин. Покрај концертната кариера тој предава на Универзитетот „Роберт Шуман“ во Дизелдорф и на универзитетот во Манхајм. Одржува мајсторски курсеви во Јапонија, САД, Грција и Белгија. Има снимено седум носачи на звук, а последното е посветено на соло сонатите за виолина од Изаи. Ное Инуи свири на виолина изработена од Томазо Балестриери во 1764 година. Маестро Василис Варваресос дипломира, магистрира и докторира на престижната школа за музика „Џулијард“ во Њујорк. Неодамна кон неговите академски титули ја придодава и дипломата Уметник изведувач од Конзерваториумот за музика и танц во Париз каде студира под менторство на Мишел Далберто. Победник на признатиот конкурс за млади уметници во Њујорк, на само 14 годишна возраст Василис Варваресос настапува рецитално во Њујорк и Вашингтон по што критиката го оценува како „Млад уметник во подем“. По тие концерти Василис настапува ширум САД, а неговите настапи ги вклучуваат и престижните концертни сали како „Вајл“ аудиториумот во Карнеги Хол, библиотеката „Морган“ во Њујорк, музејот „Изабела Гарднер“ во Бостон, Центарот „Кимел“ во Филаделфија и Кенеди Центарот во Вашингтон. По неговиот дебитантски настап во Салата „Зенкел“ во Карнеги Хол, Василис е поканет да настапи во Белата куќа за тогашниот претседател на САД – Барак Обама. Асоцијацијата на грчки критичари го прогласува за Најнадежен грчки уметник, а тој е редовно присутен на концертните подиуми во неговата родна земја. Василис Варваресос е лауреат на меѓународниот натпревар „Џорџ Енеску“ во 2014 година, како и на признатиот натпревар на победници на интернационални натпревари „Пијано мастерс“ во Монте Карло во 2015 година. Во сезоната 2020/21 тој настапува со Кристоф Ешенбах и Атинскиот симфониски оркестар, а ќе настапи и на Атинскиот и на фестивалот во Солун, како и на фестивалите во Гштад и Сен Урсан и фестивалот за камерна музика во Фукушима. Оваа сезона ќе настапи и во престижни концертни сали како Концертгебау во Амстердам и Мегарон во Атина. Активен и како камерен музичар, Варваресос настапува во „Бозар“ во Брисел, Концертгебау во Амстердам, Театарот „Дилигентиа“во Хаг како и во Минхенскиот „Гастајг“ каде негови партнери за камерна музика се Мишел Далберто, Анри Демаркет, Никола Дотрикур, Ное Инуи, Ела ван Поуке и Анастасија Кобекина. Претходните сезони Василис Варваресос настапува на фестивалот „Енеску“ во Романија, во Истанбул и Бодрум, како и со симфонискиот оркестар „Билкент“, оркестрите во Солун и Санкт Петербург. Рецитално натапува во „Тонхале“ во Цирих, „Музикферајн“ во Виена и салата „Гаво“ во Париз. Редовно е канет да одржува рецитали и мајсторски курсеви во Калифорнија, Синсинати, Чарлстон и Њујорк. Неговиот последен албум „В за Валс“ е посветен на познатите дела инспирирани од танцот од Лист, Скрјабин, Шуман и Равел, а неодамна за издавачката куќа Навис класикс снима аудио записи со виолинистот Ное Инуи и баритонот Димитрис Тилиакос. Концертот почнува во стандардниот фестивалски термин од 21 часот.

Пијано-рецитал на Марија Ѓошевска во Музејот на македонската борба

$
0
0

Во Музејот на македонската борба вечерва ќе се одржи пијано-рецитал на д-р Марија Ѓошевска, редовен професор на Факултетот за музичка уметност. На рециталот, кој е увертира пред нејзиниот концерт на Фестивалот „Охридско Лето“ в недела во црквата „Св. Софија“ во Охрид, Ѓошевска ќе ги изведе делата на Фредерик Шопен – Валцер опус 18 Ес-дур, Валцери опус 34 брпј 1, 2, 3, Ноктурно опус 15 број 2 Фис-дур и Ноктурно опус 37 број 2 Ге-дур, потоа Соната од Томе Манчев и Благородни и сентиментални валцери од Морис Равел. Марија Ѓошевска е еден од најистакнатите пијанисти во земјава. Музичкото образование го започнува во основното музичко училиште „Владимир Арсовски” во Неготино во класата на професор Камелија Кулакова. Средното музичко училиште го завршува во ДМБУЦ “Илија Николовски Луј” во класата на професор Снежана Анастасова Чадиковска (1998), дипломира (2002), магистрира (2004) и докторира (2009) на Факултетот за музичка уметност во Скопје во класата на истакнатиот пијанист и педагог професор Борис Романов. Во рамките на докторатот под менторство на проф. д-р Томе Манчев успешно го брани научниот труд на тема „Аспекти на влијание на хармонијата врз репродуктивниот процес погледнато низ призмата на делото Соната за пијано D – 960 од Франц Шуберт“. Ѓошевска е добитник на повеќе награди и признанија на голем број државни и меѓународни натпревари од кои се издвојуваат првите награди на републичките натпревари по пијано во 1992, 1995 и 1998 година, финалист на меѓународниете натпревари по пијано во чешкиот град Усти над Лабен (1995) и на италијанскиот Сенегалија (1996), трета награда на меѓународниот натпревар „Никола Рубинштајн“ во Париз во 1997 година и први награди на натпреварите за полифонија на Факултетот за музичка уметност во Скопје во 1999, 2000 и 2001 година. Како солист и камерен музичар, Ѓошевска настапува на повеќе реномирани меѓународни фестивали, како „Охридско лето“, „Скопско лето“, „Интерфест“ – Битола, „Хераклејски вечери“ – Битола, но и во повеќе земји низ Европа и светот, меѓу кои и во САД, Велика Британија, Франција, Австрија, Италија, Полска, Чешка, Хрватска, Србија, Бугарија и Турција. Во земјава нејзини рецитали редовно организира КИЦ (Културно Информативен Центар). Ѓошевска настапува како солист со Македонската филхармонија, а значајни се и концертите со Дубровачкиот симфониски оркестар, Камерниот оркестар на Музичката младина на Македонија и фестивалскиот оркестар на Меѓународниот фестивал “Охридско лето”, соработувајќи со повеќе диригенти, меѓу кои и Кристоф Кампестрини, Антон Нанут, Леонид Николајев, Патрик Штруб, Арилд Ремерајт, Јуриј Алиев, Саша Николовски – Ѓумар и Борјан Цанев. Репертоарот на Марија Ѓошевска опфаќа голем број дела од барок до современа музика. Созревањето на Марија Ѓошевска во музичар со врвни перформанси се отчитува и во нејзините чести ангажмани како камерен музичар и пијано – соработник со истакнати инструменталисти. Hа покана од Државното музичко училиште во Битола, Ѓошевска во периодот 2010-2011 учествува на европскиот проект „Пијано – рефлексија на европската култура“ со концерти во пет земји – Франција, Австрија, Полска, Молдавија и Македонија. Во 2011 одржува целовечерен рецитал на фестивалот „Пијано плаж фестивал“ во Уистерхан во Франција. Во 2016 година Ѓошевска ја добива престижната награда „Виртуози“ за најдобар музички изведувач во Република Македонија, а во 2018 ја добива наградата „Златна лира“ од Сојузот на музички уметници на Македонија за врвни уметнички достигнувања. Марија Ѓошевска е редовен професор на катедрата по пијано и раководител на трет циклус – докторски студии на Факултетот за музичка уметност при Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ во Скопје, член на Сојузот на музички уметници на Република Македонија и член на Сојузот на музички педагози на Република Македонија

„Поетите на третата генерација во македонската литература“, нова книга од Веле Смилевски

$
0
0

Здружението за уметност и култура „Дијалог“ од Скопје, во рамките на програмата на Министерството за култура со проекти од национален интерес, ја објави книгата „Поетите на третата генерација во македонската литература“ од Веле Смилевски. Книгата е објавена во знак на одбележување на шест децении од појавата на третата поетска генерација чие творештво изврши силно влијание во развојните процеси на македонската поезија која, во тој период (од крајот на педесеттите години на минатиот век) го фаќаше чекорот со развиените европски литератури. Критичките љубопитства, истражувања и толкувања во обемната студија на Веле Смилевски осветлуваат одредени аспекти од поетските опуси на Влада Урошевиќ, Петре М. Андреевски, Радован Павловски, Јован Котески, Богомил Ѓузел, Јован Павловски и Петар Т. Бошковски, чии стихови се дел од најзначајните антологиски претставувања на македонската поезија во земјата и во светот, наведуваат од „Дијалог“. Толкувачкиот пристап на Смилевски е надополнет со избор од по десет најкарактеристични песни на авторите што се предмет на неговата студија. Во овој оддел објавени се фотографии и био-библиографски прилози за поетите. Рецензент на книгата е акад. Луан Старова.

Фото изложба „Со љубов од Битола”

$
0
0

Во Битола вечер во фоајето на НУ Центар за култура ќе биде отворено 8. издание на фото изложбата „Со љубов од Битола” на која годинава ќе бидат промовирани 31 фотографија од 23 автори. Изборот и селекцијата на фотографиите ги направи стручно жири во кое членуваат Далибор Митковски, Кети Талевска и Петар Тасевски. -Оваа година изложбата раскажува приказна за љубовта во време на корона. Авторите на фотографиите создадоа визуелно сведоштво за времето и животот и сите нешта кои сега се поинакви, велат од Центарот за европски развој и интеграција кој е организатор на изложбата. Културниот настан е поддржан од НУ Центар за култура Битола и од Министерството за култура

Професионалниот мешан хор „Про Арс“ вечерва на „Охридско лето“

$
0
0

Оваа музичка вечер на фестивалот „Охридско лето“ е издвоена за настапот на вокалистите од Професионалниот мешан хор „Про Арс“, под диригентска управа на Сашо Татарчевски. „Про Арс“ е формиран 2011 година од Татарчевски, по повеќегодишно долгогодишното делување во сферата на хорската уметност и анализите кои укажале на недостаток од еден таков ансамбл што професионално и пред се квалитетно ќе одговори на потребите на музичката сцена во Македонија. Предностите на хорот станааа видливи уште од првата година од активноста, презентирајќи висок квалитет на изведбите, мобилност и можност за изведба широк репертоар од различна жанровска определба. Посебен акцент и посветеност се дава на веќе постоечкото македонско хорско творештво, но и на поттикнувањето млади автори на пишување нова хорска музика. Во своето деветгодишно делување хорот веќе има остварено самостојни концерти со уметничка хорска музика, концерти на „Денови на македонската музика“ со праизведби на композиции од македонски и странски автори, концерт на „Охридско лето“, соработки со разни фондации и здруженија во реализирање концертни програми со хетерогена жанровска определба. Од 2018 година хорот е редовен гостин на концертите со вокално-инструментална музика на Филхармонијата, настапувајќи не само со маестро Татарчевски туку и со диригенти како Густав Кун, Емил Табаков… „Про Арс“ во последните шест години реализирал огромен број студиски снимки за едукативни програми, солистички албуми, како и филмска музика за високобуџетни интернационални филмски остварувања во студиото ФАМЕС. Од 2017 година хорот јазапочна и својата меѓународна афирмација со настапите на престижни сцени во Солун, Софија и Виена. Членовите на професионалниот хор „Про Арс“ се млади, мотивирани, вокално образувани хорски уметници, комплетно подготвени за ефектна професионална работа. Сашо Татарчевски е дипломец и магистрант на Факултетот за музички уметности во Скопје на катедрите за хорско пеење и оркестарско-оперско диригирање. Посетува мајсторски курсеви во Њујорк, Рим, Берлин, Москва, Фиренца, Сартеано и Санкт Петерсбург. Настапувал со бројни ансамбли од целиот свет на познати сцени во Португалија, Словенија, Шкотска, Белгија, Грција, Швајцарија, Шпанија, Хрватска, Италија, Србија, Бугарија, Чешка, Словачка, Русија, Франција, Турција, Полска, Романија, Австрија…Има освоено многу награди на меѓународни хорски фестивали како и специјални награди за диригирање во Бугарија, Полска и Чешка. Во моментов работи како професор на ФМУ по група предмети од областа на диригирањето и е диригент на камерниот оркестар „Солисти од ФМУ“ и мешаниот хор „Драги Шуплевски“. Татарчевки е и основач и уметнички раководител на професионалниот хор „Про Арс“ и диригент на женскиот хор при Младинскиот културен центар. На програмата на вечерашниот настап се дела на Архиепископот Ионафан, Рахмањинов, Чајковски, Чесноков, Шнитке, Македонски, Зографски, Леонтович, Говедарица, Фалик, Динев, Манулјак. Концертот на „Про Арс“ ќе се одржи на сцената во Предворјето на „Света Софија“ од 21 часот.

Претставата „Човек Ѕвер и доблест“ на Театар Комедија и концерт на пијанистката Марија Ѓошевска на програмата на „Охридско лето“

$
0
0

Дваесеттиот ден од 60-тото издание на „Охридско лето“ носи две интересни содржини – претставата „Човек ѕвер и доблест“ на Театар Комедија во драмскиот и концерт на пијанистката Марија Ѓошевска во музичкиот дел од фестивалската програма. Театарската претстава „Човек ѕвер и доблест“ на авторот Луиџи Пирандело е режисерска поставка на Егон Савин, кој за авторот ќе рече дека долго пишувал поминувајќи ги сите фази – од натурализам преку експресионизам и футуризам до авангарда – но во сите свои дела тој секогаш се занимава со „кризата на моралот“. – Лагата и лицемерството е невозможно човековиот однос да го измери, не постои човек што не посегнал по лагата за да ги прикрие своите пороци и слабости. Пиранделовата лична и литерарна слобода се состои во тоа работите да ги нарекува со свое име. Во современиот театар има изобилство претстави кои зборуваат за човекот кој се конфронтира со власта, полицијата, војската, бирократијата… Но што се случува со човекот кој е загрозен од своите сакани, од оние што му се најблиски? Семејната драма е најдобра драма. Секогаш неочекувана, никогаш отворена, секогаш мимикрирана, маскирана со ритуалите на семејниот живот. Понекогаш оваа игра има маска на пријателство, нежност, еротска љубов, грижа и пожртвуваност. Овие „маски“, овие ритуали на секојдневниот живот им овозможуваат на луѓето колку-толку поднослив живот, без крв. Таквиот живот по одредено време резултира со презир и омраза кон себеси, резултира со меланхолија, со лудило, вели режисерот Eгон Савин, инаку редовен професор на Катедрата за режија на Факултетот за драмски уметности во Белград. Савин има режирано околу стотина претстави во сите значајни театарски куќи низ цела бивша Југославија, како и во Унгарија и во Италија. Неговите претстави се играат насекаде низ светот, а добитник е и на голем број домашни и меѓународни награди за режија. Претставата „Човек, ѕвер и доблест“ е трета негова поставка во Македонија, покрај претставите „Злосторство и казна“ и „Лаж и Паралаж“ во изведба на МНТ. Улогите во претставата ги толкуваат Атанас Атанасовски, Сашо Ристовски, Тони Денковски, Сашка Димитровска, Жарко Димоски, Кристина Ласовска, Жаклина Стевковска Дрнасин и Ева Скендеровска. Претставата ќе се игра на големата сцена на Долни Сарај со почеток од 22 часот. Два часа претходно во „Света Софија“ солистички концерт ќе одржи Марија Ѓошевска, една од најистакнатите пијанистки во земјата. Критиката вели дека секој нејзин настап само ја потврдува констатацијата дека во Ѓошевска македонската музичка сцена добива пијанист со врвни професионални перформанси, мунициозна виртуозност и изразита индивидуалност. Ѓошевска музичкото образование го започнува во Неготино во класата на проф.Камелија Кулакова, а средното музичко училиште го завршува во ДМБУЦ „Илија Николовски Луј” во класата на проф.Снежана Анастасова – Чадиковска. Дипломира, магистрира и докторира на Факултетот за музичка уметност во Скопје во класата на истакнатиот пијанист и педагог проф.Борис Романов. Добитник е на повеќе награди и признанија на голем број државни и меѓународни натпревари. Како солист и камерен музичар настапува на повеќе реномирани меѓународни фестивали: „Охридско лето”, „Скопско лето”, „Интерфест” – Битола, “Хераклејски вечери” – Битола и во повеќе земји низ Европа и светот: САД, Англија, Франција, Австрија, Италија, Полска, Чешка, Хрватска, Србија, Бугарија, Турција итн. Настапува како солист со Филхармонијата на Р.Северна Македонија, а значајни се и концертите со Дубровничкиот симфониски оркестар, Камерниот оркестар на Музичка младина на Македонија и фестивалскиот оркестар на меѓународниот фестивал „Охридско лето” соработувајќи со повеќе диригенти: Кристоф Кампестрини, Антон Нанут, Леонид Николајев, Патрик Штруб, Арилд Ремерајт, Јуриј Алиев, Саша Николовски – Ѓумар, Борјан Цанев и др. Созревањето на Марија Ѓошевска во музичар со врвни перформанси се отчитува и во нејзините чести ангажмани како камерен музичар и пијано – соработник со истакнати инструменталисти. Член е на камерното трио „ВАМ“ со виолинистот Владимир Костов и челистот Александар Котевски, а како пијано дуо соработува со Елена Атанасовска -Ивановска. Hа покана од Државното музичко училиште во Битола, Ѓошевска во периодот од 2009 до 2011 година учествува на европскиот проект „Пијано – рефлексија на европската култура” со концерти во пет земји: Франција, Австрија, Полска, Молдавија и Северна Македонија. Во 2016 г. Ѓошевска ја добива престижната награда „Виртуози“ за најдобар музички изведувач во Р. С. Македонија, а во 2018 ја добива наградата „Златна лира“ од Сојузот на музички уметници на Македонија за врвни уметнички достигнувања. Марија Ѓошевска е редовен професор на катедрата по пијано и раководител на трет циклус – докторски студии на Факултетот за музичка уметност при Универзитетот „Св.Кирил и Методиј” во Скопје, член на Сојузот на музички уметници на Северна Македонија и член на Сојузот на музички педагози на Република Северна Македонија. На програмата на концертот се дела за пијано на Шопен, Манчев, Равел.

Концерт на Пламенка Трајковска во Велес

$
0
0

Виолинистката Пламенка Трајковска вечер (20 часот) ќе одржи концерт во Младинскиот парк во Велес. Концерот со наслов „Лејдис енд Џентлмен“ е дел од манифестацијата Велешко културно лето. На концертот во гудачкиот квинтет покрајТрајковска ќе настапат и Наташа Диденко, Сандра Крстевска, Магдалена Попоска и Љубица Бошкоска. Гости на концертот се Трио Џентлмен. На програмата на концертот „Лејдис енд Џентлмен“, Пламенка Трајковска низ мултимедијално доживување ќе го претстави својот опус, наменет за вљубените во убавиот звук на виолината, во обработките на народните песни. Концертот „Лејдис енд Џентлмен“ премиерно беше изведен како јубилеен концерт на Пламенка Трајковска во рамките на овогодишното издание на Скопско лето и беше сниман од Македонската телевизија. Трајковска е автор на бројни музички проекти и програми. Автор е на „Апасионато“, единствениот македонски музички албум со кросовер на класичната и модерна музика, на сингловите „Светулки“, создадени во поп романтичен стил, а креатор е и на неофицијалниот музички албум „Црвената виолина“ со интерпретации на латино теми. За најмладите – идните вљубеници во класичната музика, Трајковска минатата година го издаде музичкиот албум „Карневал на животните“ од Камиј Сен Санс, адаптиран за виолина и пијано. Вечерашниот концерт е поддржан од Општина Велес.

Концерт 4 пијана „Бах за Вас“ со пијанисти од Чешка во рамки на „Охридско лето“

$
0
0

Музичката програма на Фестивалот „Охридско лето“ за вечерва го носи концертот 4 пијана „Бах за Вас“ во изведба на уметници од Камерниот оркестар „Чешки виртуози“ со уметниците Ема Једличка – Гогова, Хелена Сухарова, Сара Медкова и Лукаш Клански. Камерниот оркестар „Чешки виртуози“ под уметничкото раководство на Карел Прохазка ја започнува концертната кариера пред повеќе од 20 години. Од тогаш па до денес имаат остварено преку 800 концертни настапи на кои изведувале музика од различни епохи- од барок па се’ до современа музика, и тоа: симфониски дела, духовна, музика и оперски дела. На концертите во Виенската концертна сала, или пак во дворецот Шонбрун, најчесто се претставуваат со дела од Моцарт, но поради нивната разнообразна програмска определеност често се канети да настапуваат на фестивали во Холандија, Италија и Шпанија. Настапиле на Деновите на Чешка музика во Дижон во 2015 година, а оствариле и три концертни турнеи во Јапонија во 2003, 2010 и 2011 година. Членови на оркестарот меѓу другото се и концерт мајсторите и солистите на оркестарот на операта „Јаначек“ , како и на Филхармонискиот оркестар во Брно. Настапуваат со бројни чешки и меѓународно етаблирани солисти како виолинистката Естер Ју и вокалните солисти Милагрос Побладор и Наталија Ушакова под диригентската палка на реномирани чешки диригенти. Овој камерен состав има снимено повеќе ЦД-а, а последното кое е издадено минатата година е нивна соработка со белгискиот диригент Ерик Ледерхандлер. Ема Једличка – Гогова е педагог, пијанист со интернационална кариера, уметнички директор и сестран музичар. Започнува да учи пијано во нејзниот роден град Штип, а нејзиното деби со оркестар и’ се случува на 16 годишна возраст со Филхармонијата на Р. Северна Македонија и изведба на Концертот за пијано и оркестар од Едвард Григ. Набргу следат и првите целовечерни рецитали, како и студиите на ФМУ Скопје во класата на проф. Стела Слејанска. Студира и на Музичката академија „Јаначек“ во Брно во класата на Зденек Хнат. Изведувачката кариера ја носи во повеќе од 15 земји во Европа и Канада, како солист и камерен музичар, а настапува и со Филхармонијата на Р.Северна Македонија , оркестарот на театарот во Опава, во Националниот театар во Брно, со Моравската филхармонија Оломуц и др. Уметнички директор и претседател е на Асоцијацијата за интеркултурен и креативен живот и член е на одборот на Фондацијата „Ј. С. Бах“. Редовно е член на жири комисии на интернационални натпревари, а била и претседател на натпреварот „Ј. С. Бах“ во Добрани во Република Чешка. Хелена Сухарова – Вајзер студирала на Прашкиот конзерваториум, како и во класата на Иван Клански на Академијата за изведувачки уметности во Прага. Студиите ги завршува со резиденцијален престој на Универзитетот Рузвелт во Чикаго, а посетува и мајсторски курсеви кај Малком Фрагер во Луцерн. Уште додека студира, освојува награди на повеќе меѓународни натпревари, а настапува не само во нејзината татковина Чешка, туку и во Германија (каде живеела до 2003), во Полска, Финска, В. Британија, Швајцарија, Франција, Грција, во земјите на поранешна Југославија и во САД. Покрај солистичката кариера, Сухарова- Вајзер настапува и како камерен музичар. Има снимено ЦД-а со квартетот „Штамиц“, со Влах квартетот од Прага, Вихан квартетот, кларинетистот Кристоф Рајф и со пијано квартетот „Ад либитум“. Дел е од жири на повеќе чешки и меѓународни натпревари, а во 2019 станува директор на јуниорскиот натпревар за пијанисти „Прашки ноти“ за натпреварувачи од 5-15 години. Од 2012 година предава пијано на Академијата „Јаначек“ во Брно, а веќе неколку години предава и на Академијата за изведувачки уметности во Прага. Сара Медкова спаѓа во групата водечки млади чешки пијанисти. Настапува на сцените на повеќе од 20 европски земји, како и во САД, Азија и Африка, при тоа премиерно изведувајќи повеќе од 100 нови композиции. Носителка е на награди од повеќе интернационални натпревари, а настапува со познати оркестри во Чешка и надвор од неа. Во 2009 и 2010, Медкова е иницијатор на уникатен проект во кој се изведени концертите за три пијана од Бах и Моцарт, како и нејзиниот авторски концерт со наслов „Di Ritorno” кој ги изведува со Филхармонијата на градот Брно и со оркестарот „Прашки академски солисти“. Во 2012 година магистрира на Музичката академија во Прага, а како студент на Еразмус програмата поминува една година на Универзитетот за музика „Карл Марија фон Вебер“ во Дрезеден во класата на А. Зензипер. Учествува на повеќе мајсторски курсеви под раководство на Елисо Вирселадзе, Даниел Полак, Андреј Гаврилов и др. Нејзиното прво ЦД „De Profundis” го издава компанијата Арта рекордс во 2017 година. Лукаш Клански е еден од најквалитетните чешки пијанисти од помладата генерација. Како победник на повеќе натпревари, тој е често ангажиран како солист и камерен музичар. Член е на успешното трио „Лобкович“ со кое победува на натпреварот „Јоханес Брамс“ во Австрија во 2014 година. Клански освојува втора награда на натпреварот „Ханс фон Булов“ во 2018 година во категоријата диригирање од пијаното. На само 15 годишна возраст го има дебито како солист со оркестар во салата „Дворжак“ во Прага со Прашкиот камерен оркестар. Настапува со бројни оркестри под диригентските палки на: Либор Пешек, Андреа Себастиан Вајзер, Гунди Емилсон и Иштван Денес, а настапува и на фестивали во: Чешка, Италија, Германија, Грција, Швајцарија и др. Дипломира на Прашкиот конзерваториум во класата на Ева Богуниова, а продолжува да се усовршува кај неговиот татко Иван Клански на Академијата за изведувачки уметности во Прага. Како солист, се претставил пред публиката во: Словачка, Унгарија, Германија, Австрија, Франција, Италија, Белгија, Холандија, Хрватска, Словенија, Грција, Полска, Турција, САД и Јужна Африка. Неговите снимки се издадени од Прага Диџиталс, Радиосервис, Грамола и Наксос. Лукаш Клански студирал диригирање кај Леош Сваровски, а настапува како диригент, често пати свирејќи и диригирајќи од клавијатурата. За настапот на чешките уметници е резервирана сцената во катедралната црква „Света Софија“, со почеток од 21 часот.

Концерт со уметнички од Албанија и премиера на претставата „Полковникот птица“ на Гостиварскиот театар денеска на „Охридско лето“

$
0
0

Фестивалската програма на „Охридско лето“ за денеска предвидува две содржини, со концерт на уметничките од Албанија Викена Каменица – мецо сопран во пијано придружба на Мерита Реџа –Тершана, како и премиерната изведба на претставата „Полковникот птица“ со Театарот од Гостивар, во режија на Андреј Цветановски. За „Полковникот птица“ од Христо Бојчев режисерот Цветановски ќе рече дека е претстава за различни луѓе, кои со својата различност и возбуда за нови работи треба да не пленат сите. Нивната посветеност треба да не учи колку е битно да се верува и да се постои во овој свет, колку и да е тешко. Целта на претставата треба да се бара во нивното разбирање, и кога ќе ги разбереме да станеме подобри луѓе со тоа. Нивната лудост е само начин да се верува. Можеби идејата е утопистичка и идеалистичка, но тоа е и улогата на театарот. Соочени со пандемијата, театарот почнува да бара начини на функционирање низ регулативите и правилата што ги носи овој нов свет. Се обидуваме низ сите тие правила да создадеме топла приказна и да го искористиме процесот и како експеримент и од прописите да направиме квалитет. Инаку, „Полковникот птица“ е оценет како најуспешен драмски текст на Бојчев што ја добива една од најголемите европски награди за драмски текстови, наградата на Британскиот совет. Дејствието на драмскиот текст зборува за една група ментално заболени луѓе кои живеат во лудница, заборавени од Бога, и таму стигнува хуманитарна помош која требало да стигне во кризно подрачје, ама по грешка дошла до нив. Тоа ги охрабрува и тие се организираат да одат до Стразбур, да го изложат својот проблем. Во ова време кога се актуелни мигрантските кризи и премините преку граница, овој текст може да добие нов контекст, а во исто време да зборува за Балканот како вечен кандидат за Европа… Улогите во претставата ги толкуваат Бехреда Решит, Дритон Љазами, Кујтиме Ахмети, Марко Дојоски, Ајше Усеини, Берат Махмути, Ариан Ејупи, Елизабета Клинчаревска Младеновска, Ѓорѓи Нешкоски, Марија Кондовска. Претсавата че се игра на големата сцена „Долни Сарај“ од 22 часот. Два часа претходно солистички концерт во „Света Софија“ ќе одржат албанските уметнички Викена Каменица – мецо сопран и Мерита Реџа –Тершана на пијано. Викена Каменица е една од најпознатите оперски пејачки на нејзината генерација во Албанија.Таа е ќерка на оперски пејачи, успешно ги завршила студиите на Музичката академија во Тирана, а во периодот од 2004-2006 продолжува да студирана ЦЕЕ Музичкиот театар во Виена каде работи со Илеана Котрубас и Бернд Вајкл. Во 2008 година добива специјален грант да студира на летната академија „Моцартеум“ во Салцбург во класата на Алесандра Алтхоф. Во Албанија, Викена Каменица два пати ја добива наградата „Култ“ за најдобро Оперско остварување и тоа за Розина во „Севилскиот берберин“ и во 2017 година за улогата на Ромео во „Капулети и Монтеки“ на Белини. Од 2001 година е вработена во Националната опера во Тирана каде ги покрива сите улоги од мецосопранскиот фах како Фидалма во „Таен брак“, Сузуки во „Мадам Батерфлај“ од Пучини, Флора во Вердиевата „Травијата“, Анита во „Приказна од западната страна“ од Бернштајн, Сибел во „Фауст“ од Гуно и Трета дама во Моцартовата „Волшебна флејта“. Гостува во Букурешт и Темишвар во Романија, а настапува и на Фестивалот во Седиер во Франција. Настапува во главната улога во операта „Кармен“ од Бизе, ја пее Мадалена во „Риголето“, Дорабела во „Така прават сите“, Џована Сејмур во „Ана Болена“, а настапува и покрај исклучителната Инва Мула во „Хофманови приказни“, а партнерка е како Шарлота во „Вертер“ на извонредниот албански тенор Сајмир Пиргу. Неодамна во Париз ја пее насловната улога на Далила во „Самсон и Далила“ од Сен-Санс, како и улогата на Ацучена во „Трубадур“. Концертите се значаен дел од карирата на Викена Каменица, па така, таа настапува со дела од: Мануел де Фаља, Вивалди, Дворжак, Перголези, Бетовен, Брамс и Вагнер. Особено се истакнува со циклусот „Зимско патување“ од Шуберт кој го изведува во придружба на Мерита Реџа -Тершана. Покрај со класичната музика, Викена настапува и како џез пејачка и во изведба на мјузикли во кои ги пее улогите на Есмералда во „Грбавецот од Нотр-Дам“, Мама Мортон во „Чикаго“, г-ѓа Монтеки во „Ромео и Јулија“ и др. Викена Каменица е омилена кај албанската публика, токму поради нејзината целокупна музичка личност како и поради исклучителното сценско присуство. За Мерита Реџа –Тершана критиката вели дека е една од најактивните уметници на албанската територија и таа продолжува да гради кариера полна со нови достигнувања. Добитничка е на импресивна бројка на национални награди како Изведувач на годината на албанскиот фестивал за современа музика во 1996, Изведувач на годината и добитник на Култ наградата во 2010 и 2016. Родена во Тирана, Мерита Реџа – Тершана дипломира на Универзитетот за уметности во Тирана во класаста на проф. Маргарита Кристиди, а се усовршува на пост-дипломски студии и на мајсторски курсеви кај Паул Бадура-Скода и Тил Енгел. Тершана работи на Универзитетот во Тирана од 1994, најпрво како корепетитор, а подоцна од 2002 година како педагог.Како солист настапува со повеќе оркестри вклучително со оркестарот на Албанското радио и ТВ, оркестарот на Универзитетот во Тирана, оркестарот на Операта под диригентската палка на: Ј. Барбулуши, Л. Квадрини, Б. Лапај, А. Лепури, Н. Марин и Д. Савиќ. Како солист е често канета да настапи на познати фестивали во Албанија и Европа меѓу кои Фестивалот „Шлезгвиг- Холштајн“ (Германија), Фестивалот во Брегенц (Австрија), Фестивалот „Гросето“ во Италија како и на бројни фестивали во регионот. Мерита Реџа -Тершана често и за прв пат изведува нови дела од албански композитори, а во 2009 снима ЦД со музика од Шуман. Исто така, има снимено 2 ЦД- а со дела од албански композитори. Сега, Тершана како вонреден професор предава пијано на Универзитетот за уметности во Тирана. На програмата на концертот од 20 часот се арии на Леонкавало, Шуберт, Бизе, Албениц, Сен Санс, Гранадос, Барбиери, Чапи, Дебиси, Вајл, Гершвин, Харапи, Мула, Јакова.

Турскиот театар со претставата „Бог на масакарот“ за затворање на „Охридско лето“

$
0
0

Со претставата „Бог на масакарот“ во изведба на НУ „Турски театар“ од Скопје се спушта завесата на годинешното јубилејно 60-то по ред издание на Фестивалот „Охридско лето“. Неслучајно настапот на Турскиот театар е избран за терминот на свеченото затворање на „Охридско лето“, за на тој начин да се одбележи јубилејот на установата – 70-годишнината од основањето. За претставата „Бог на масакарот“ режисерката Билге Емин вели дека го презентира насилството во луѓето, дивјаштвото што демне во секој од нас… Претставата започува со мислата „Дека без оглед на сé, постои нешто што се вика уметност на соживот“ но со развојот на дејствието започнува да се доведуваат во прашање виталните животни вредности како што се: брак, деца, професија, социјална средина, статус итн. Во текот на драмското дејствие на гледачот му се наметнуваат низа витални прашања: дали „дивјаштвото” е вродена состојба или чувство кое подоцна ни било наметнато; дали ние управуваме со институцијата брак или ние сме управувани од институцијата; имајќи на ум дека секој гледач може да се соочи или на своја кожа да ги осети наведените состојби. „Егото го води човекот до изумирање. Без оглед колку човекот се обидува да излезе од системот, системот го привлекува. Не можете да се спротивставите на системот. Во мигот кога ќе се спротивставиш твојот „Бог на дивјаштвото“ ќе биде уништен од неговиот Бог на дивјаштвото. Важно е: Дали да се држи чекор со системот или не? Дали да се постигне решение на проблемот или не? Сето тоа е определено од одлуките и изборот на поединецот“, вели Емин. Улогите во претставата ги толкуваат Сузан Акбелге, Џенап Самет, Филиз Ахмет и Селпин Керим. Сценографија е на Татјана Блажевска – Христовска, костимограф Марија Пупучевска а асистент на режисерот Џенап Самет. Претставата ќе се игра на сцената Долни Сарај со почеток од 21 часот. Инаку, ова фестивалско издание на „Охридско лето“ поради ситуацијата со коронавирусот се одржа во термин различен од вообичаениот, со намален број содржини, пред строго ограничен број гледачи. Независно рестриктивните мерки за заштита публиката во Охрид изминатите 27 фестивалски дена можеше да ужива во 26 музички концерти и шест театарски претстави, избрани за и во вонредни околности и покрај ограничувањата, да се задржи високото уметничко ниво што го носи брендот „Охридско лето“, како врвна културна институција со реноме градено со децении.

Театар Комедија започнува со проби на отворено, наскоро и претстави

$
0
0

Театар Комедија соопшти дека од денеска започнува со проби на отворено и со подготовки за претставата „Си беше еднаш“ во режија на Синиша Евтимов. Пробите ќе се одвиваат на отворено, со почитување на сите мерки и протоколи. Кон крајот на септември следува премиера, а Театарот започнува и со репертоар, исто така според сите мерки и протоколи. Театар Комедија наскоро ќе ги отвори и вратите на новата сцена „Двор“ каде ќе се почитуваат сите мерки и протоколи, а ќе се реализира и фестивалот „Гола месечина кон крајот на месец септември

Концерт на гудачкиот квартет „Вива Стрингс” во Кичево

$
0
0

На платото пред Центарот за култура „Кочо Рацин“ во Кичево вечерва концерт одржа гудачкиот квартет „Вива Стрингс“ од Скопје. – Програмата на овој концерт беше од популарен карактер и на програмата беа застапени повеќе модерни наслови кои веруваме побудуваа интерес кај присутната публиката. Меѓу другите, беа изведени композиции на Мајкл Џексон, Бритни Спирс, Јуритмикс, Роби Вилијамс, Квин, истакна директорот на Центарот за култура во Кичево, Мазлам Османи. Тој посочи дека покрај предвидената програма во чест на утрешниот празник, 8 Септември, Денот на независноста, биле изведени и композиции на македонски јазик. Концертот се одржа со целосно почитување на препораките на здравствените институции за заштита од Ковид-19. (MИА)

Почнува Саемот на книга, првпат се одржува на отворено

$
0
0

Повеќе од 40-тина издавачки куќи ќе ги претстават своите најнови изданија на Саемот на книга 2020, што почнува денеска на отворено во А1 Арена СЦ Борис Трајковски, кај Аква Паркот под монтажни објекти. Ќе се одржува до 14 септември под слоганот „Замисли еден поинаков поглед“. Преземени се сите безбедносни мерки за заштита на јавното здравје, поради кои Саемот на книга првпат се одржува на отворен простор. Како што е најавено, на саемот ќе има голем број промоции и големи саемски попусти до 70 отсто. Саемот на книга и годинава е организиран во соработка со Македонската асоцијација на издавачи, Здружението на издавачите и книжарите на Македонија, Здружението на албанските издавачи од Македонија и Сојузот на албански издавачи во Македонија. Работното време на саемот е од 10 до 20 часот, а на 14 септември од 10 до 17 часот. Влезници за саемот можат да се купат и преку оn-line електронскиот систем на www.karti.com.mk по цена од 30 денари . Саемот на книга е поддржан од Министерството за култура.

Отворен Фестивалот на камерен театар „Ристо Шишков“ во Струмица

$
0
0

Актерите Танкица Стојанова, Ѓорги Трајков и Никола Костадинов со претставата „Умри машки“ од Алдо Николај во режија на Кире Ѓоргиев, а во продукција на струмичкиот театар „Антон Панов“, ја кренаа завесата на дваесет и осмото издание на Фестивалот на камерен театар „Ристо Шишков“ на сцена на отворено во Градскиот парк во Струмица. Фестивалот традиционално почнува на 8 Септември, Денот на независноста, а за отворен го прогласи градоначалникот на Струмица,Коста Јаневски. -Актерот над актерите, големиот Ристо Шишков, повторно не собра на едно исто место, и покрај неговото долгогодишно физичко отсуство. Но неговата духовна присутнот останува во спомените за него и за неговата раскошна актерска оставнина, но и во постоењето на фестивалот кој гордо го носи неговото име, рече Јаневски. Со видео порака почетокот на фестивалот го поздрави и ланскиот лауерат, хрватскиот актер, Драшко Зидар, кој годинава е претседател на фестивалската жири комисија, а претставите ќе ги следи онлајн. -Очекувам фестивалот да биде успешен, а публиката ќе ужива во одлични претстави. Се надевам дека жирито нема да има лесна работа, рече Зидар. До 13 септември, кога завршува Фестивалот, ќе се одиграат осум претстави исклучиво од земјава. На ФКТ „Ристо Шишков“ се доделува само една награда за најдобро актерско остварување. Таа се состои од парична награда во износ од 1.500 евра, ланче и златен медалјон со ликот на патронот на фестивалот, Ристо Шишков. (МИА)

„Празник на липите“: Поетска манифестација утре пред МКЦ

$
0
0

На 10 септември (четврток), со почеток во 12 часот, на Платото пред Младинскиот културен центар, ќе се одржи традиционалната поетска манифестација „Празник на липите“ во организација на Друштвото на писатели на Македонија, според протоколите за организирање културен настан во услови на пандемија. На свеченоста ќе му биде врачена наградата „Книжевен жезол 2020“ на македонскиот поет Михаил Ренџов, а за неговиот поетски опус ќе говори Владимир Мартиновски. Ќе биде прочитано и писмото од странскиот добитник на жезолот, словачкиот поет Мирослав Биелик, кој поради пандемијата не беше во можност да допатува во нашата земја. Со стихови од своите најнови стихозбирки ќе се претстават поетите Христо Петрески, Пајо Авировиќ и Сузана В. Спасовска, а потоа ќе настапат поетите кои учествуваа на конкурсот за најдобра песна на манифестацијата оваа година. Присутните ќе имаат можност да добијат примерок од збирката поезија од двајцата лауреати специјално подготвена за оваа пригода.
Viewing all 3463 articles
Browse latest View live