
Оваа одлука беше изгласана во текот на вчерашниот ден во рамки на 10. Интернационален Шекспир фестивал во Крајова, Романија, кога се одржа и годишното собрание на престижната европска асоцијација на манифестации кои го негуваат творештвото на големиот Шекспир.
– Како претставник од Република Македонија пред своите европски колеги ги презентирав досегашните изданија на Фестивалот и ја најавив програмата за четвртото издание кое годинава, со поддршка од Министерството за култура, ќе се одржи во последната недела од јуни во Битола. Членовите на Асоцијацијата ја истакнаа обемната и разновидна програма на „Битола Шескпир фестивал“, регионалната соработка што ја поттикнува Фестивалот, како и интересот за големи компании од Европа и од светот за учество на овој театарски фестивал, изјави за МИА од Крајова, Благој Мицевски, уметнички директор на „Битола Шекспир фестивал“.
Вклучувањето на „Битола Шекспир фестивал“ во оваа Европска асоцијација е од особено значење бидејќи ќе отвори многу нови можности за иден развој на Фестивалот и за поинтензивна соработка со другите фестивали од Полска, Германија, Романија, Франција, Унгарија, Англија, Србија и од други земји.
Мицевски не го криеше задоволството од ваквиот развој и успех на Фестивалот, а деталите од конференцијата во Крајова ќе бидат соопштени заедно со програмата на новото издание на „Битола Шекспир фестивал“ на посебна прес- конференција по враќањето во Битола.