
Оваа 2016-та, Театар Комедија ќе го збогати својот репертоар со три нови претстави, „Случки“ – автор Данил Хармс, режија Дино Мустафиќ, „Труднаприказна“ – автор Благица Секулоска, режија Тјаша Чрнигој, „Дон Жуан во Сохо“ – автор Патрик Марбер, режија Александра Kардалевска.
Нашиот концепт за оваа репертоарска година е фокусот на регионалната соработка, но воедно и промовирање на македонското драмско писмо, она на кое особено му посветуваме внимание, а тоа е – праизведби на македонски автори – истакна директорката Јелена Жугиќ.
Ќе ја имаме честа да соработуваме со познатиот босански режисер Дино Мустафиќ, еден од најангажираните театарски режисери во регионов, директор на престижниот театарски фестивал МЕСС, добитник на бројни театарски и филмски награди и признанија, кој со себе како соработник/драматург ќе ни ја донесе и Жељка Удовичиќ Плештина која во 2015та е наградена за најоргинална драматургија за претставата „Антигона – 2000 години подоцна“ на фестивалот МЕСС во Сараево, Босна и Херцеговина.
Добитничката за најдобар драмски текст,,Безљубни′′ на интернационалниот театарски фестивал Војдан Чернодрински(2015), Благица Секулоска, која воедно е и дел од тимот на Театар Комедија, ќе има праизведба на нејзината комедија „Трудна приказна“ која ќе биде во режија на словенечката режисерка Тјаша Чрнигој и оваа претстава ќе биде дел од омнибус проектот Кршење на традицијата, копродукциски проект меѓу ЕКС Понто фестивал (Словенија), Кралски театар Цетиње (Црна Гора) и Театар Комедија.
По успешната поставка на „Хамлет во пикантен сос“, чија што премиера беше изведена на Меѓународниот театарски фестивал Охридско Лето, 2013-тата, режисерката Александра Кардалевска, оваа година повторно ќе се претстави пред нашата публика, таа овој пат ќе го работи „Дон Жуан во Сохо“ од Патрик Марбер. Александра Кардалевска исто така е дел од тимот на Театар Комедија.
Интернационалниот натпреварувачки фестивал на комедијата „Гола Месечина“ , во организација на Театар комедија, се одржува веќе три години и е на пат да се етaблира како еден од најзначајните фестивали во регионот, со посетеност од по 2000-3000 луѓе по претстава, ќе го доживее своето четврто издание со избор на најзначајните комедии од целиот регион, кои нашата публика ќе има можност на отворената сцена во општината Аеродром.
Со оглед на посетеноста и распродаденоста до последното седиште, веруваме дека со годинешниот избор на проекти, на нашата публика повторно ќе и подариме претстави вредни за внимание и долги аплаузи.