Quantcast
Channel: Култура – Kurir.mk
Viewing all 3463 articles
Browse latest View live

Свечено отворање на 58. издание на Фестивалот „Охридско лето“

$
0
0

Охрид од вечерва се до 20 август ќе ги живее своите 40 дена возбуда што ги носи Фестивалот „Охридско лето“. Повеќе од 800 уметници од 27 земји од целиот свет по 58-ми пат наредните месец и половина ќе музицираат, глумат, творат на неколкуте фестивалски сцени во Охрид... Во текот на престојните фестивалски вечери, „Охридско лето“ ќе донесе совршен спој на музиката, театрот и воопшто на уметноста. Ќе настапат звучни имиња од светот на музиката, но и најдобрите театарски продукции со извонредни драмски проекти. Предвидени се и три изложби,  ликовна, изложба на фотографии и на современ накит. Свеченото отворање на нашата најзначајна музичко-сценска манифестација традиционално започнува на големата сцена на Античкиот театар. Овојпат сцената на Антички резервирана за големите оперски ѕвезди, сопранистката Елена Мошуц и тенорот Калин Братеску, под диригентската палка на Николае Молдовеану и во придружба на оркестарот на Македонската филхармонија. Фестивалот за отворен ќе го прогласи покровителот на манифестацијата, претседателот на државата Ѓорге Иванов, а обраќање пред публиката на отворањето ќе има и министерот за култура на Република Македонија, Асаф Адеми. Уметничката порака годинава ќе ја пренесе познатиот македонски актер Никола Ристановски. Уметниците Мошуц, Братеску и Молдовеану кои се веќе тука најавија масимално вложување и незаборавно искуство и концерт за паметење вечерва на Антички. Оперската певица Елена Мошуц, која важи за еден од најразновидните и најекспресивните сопрани во светот, во обраќањето пред медиумите и јавноста во Македонија рече дека е благодарна што ќе биде дел од фестивал со долгогодишна традиција на кој настапувале светски познати уметнички имиња. - Природата тука и луѓето се прекрасни, со нетрпение го очекуваме утрешниот концерт. Програмата ја избравме заеднички со колегата Братеску. Поради временските ограничувања односно должината на концертот од еден час, избравме оперски дела за поширока публика така што очекуваме добар прием кај публиката, рече таа. Маестро Николае Молдовеану кој веќе имаше проби со уметниците од Македонската филхармонија, рече дека за отворањето на „Охридско лето“ е избрана програма во чиј репертоар се најубавите италијански и француски арии за сопран, тенор и дуо. - Секој концерт на отворено не е само уметнички настан, туку културен феномен што остава можности за дополнително поврзување на уметниците со публиката. Во време на политички тензии на континентот, концертите на отворено носат радост и чувство на слобода како за публиката така и за нас уметниците. Благодарни сме што ни е дадена таа привилегија да бидеме тука за вас и со задоволство ве очекуваме, истакна Молдовеану, изразувајќи уверување дека и временските услови ќе придонесат за незаборавен концерт и неповторливо искуство. Шефот на оркестарот на Македонската филхармонија, Горан Муратовски, изрази задоволство, но додаде дека е и голема чест што Македонската филхармонија е традиционален гостин на фестивалот „Охридско лето“. - Оваа година ја имаме честа да го отвориме  фестивалот. Задоволство е да се соработува  со уметници од ваков калибар, со извонредниот диригент маестро Молдовеану, со оперската дива Мошуц и тенорот Братеску. На свечното отворање на Антички театар очекуваме голем спектакл, рече Муратовски. Градоначалникот на Општина Охрид, Јован Стојаноски, вчера на прес-конференцијата по повод отворањето на „Охридско лето“ најави дека општината и натаму ќе ја дава безрезервната поддршка на фестивалот како голем македонски и европски културен бренд. - На сите уметници коишто ќе присуствуваат во Охрид им посакувам топло добредојде, да си поминат убаво во нашиот град, и да придонесат за уште едно успешно издание на фестивалот „Охридско лето“. Како Локална самоуправа отсекогаш сме го поддржувале овој фестивал, а тоа ќе продолжи и понатаму заради тоа што НУ „Охридско лето“ е најпознатиот бренд којшто го претставува и го зацртува Охрид како културна дестинација во светот, рече охридскиот градоначалник Јован Стојаноски. Како посебни доживувања на 58-то фестивалско издание се очекуваат концертите на пијанистот Николај Лугански, челистот Александар Књазев, виолинистот Сергеј Крилов, потоа пијанистот Александар Маџар, виртуозот на усна хармоника Антонио Серано, акапела-секстетот  „Д’Квин Сикс“  од Велика Британија,  како и неколку концерти што ќе се реализираат во соработка со амбасадите во Македонија. Традиционалната Полска вечер на фестивалот ќе донесе концерт на барокниот ансамбл „Вроцлав“, во рамки на Француската вечер ќе настапат светски познатиот пијанист Мишел Бурдонкле и неговиот син Николас, а во соработка со Амбасадата на Шпанија во Скопје ќе настапи сопранистката  Еугенија Боикс и пијанистката Ана Ферер. Драмската програма започнува еден ден по свеченото отворање, а ќе понуди театарски креации од домашните театарски куќи, како и гостувања на театри од Србија, Хрватска и Словенија. По традиција, во рамки на „Охридско лето“ ќе настапат и голем број домашни уметници од Македонската филхармонија, Македонската опера и балет и Музичката младина на Македонија. Според в.д. директорката на „Охридско лето“ Сузана Вренцовска, сите сцени и простори каде што годинава ќе се одржуваат музичко-сценските настани на фестивалот се оспособени за уметниците, како и за посетителите кои секоја година ги има во голем број, а како што најави, од следната година е планирана  изградба на монтажно гледалиште кое ќе може да се поставува насекаде, со што ќе можат да се одржуваат настани на секое соодветно место во градот. Фестивалот „Охридско лето“ се одржува со финансиска поддршка на Министерството закултура на Република Македонија, а помогнат од Општина Охрид, како и од бројни спонзори

Десет филмови на програмата Кафе-кино на „Скопско лето“

$
0
0

Кафе-киното на „Скопско лето“, кое вчеравечер почна со филмот „Смртта на Сталин“, ќе продолжи до 21 јули со проекции од 21 часот во Сули ан - Факултет за ликовни уметности. На програмата вечер е воената драма „Во четири ѕида“ во режија на Филип ван Лиу, копродукција на Франција, Белгија и Либан од 2017 година. Романтичниот трилер „Духовите на Исмаел“ на режисерот Арно Десплешин ќе биде прикажан утревечер, а в недела е францускиот крими-трилер „Заштитник“ во режија на Жан Франсоа-Рише. Во понеделник, 16 јули, публиката на скопскиот фестивал ќе може да ја види унгарската драма „За телото и душата“ на Илдико Енједи, снимен минатата година. Во наредните денови ќе бидат прикажани и: француската комедија „Откачени трудници“ на Ноеми Салио (17 јули); кинеската акциска авантура „С.М.А.Р.Т потера“ на Чарлс Мартин (18 јули); фантастичната мистерија „Телма“ копродукција на четири земји во режија на Жоаким Трир (19 јули); американско-јапонската романтична комедија „Париз може да почека“ на Елеонор Копола (20 јули) и комедијата „Тивок замок“ по сценарио и режија на Бруно Димон (21 јули). Билетите се по цена од 100 денари и може да се купат на билетарницата на ФЛУ - Сули ан.

Почна Галичка свадба- ова се младенците (ФОТО)

$
0
0

Со поставување на свадбарското знаме денеска во селото Галичник на Бистра планина почна 45. издание на Галичката свадба.

Младенци на годинашната манифестација се Тања Лепческа, со потекло од Галичник и Златко Димовски. Тие се избрани во конкуренција од четири пара.

Лепческа од својата петта година учестува на манифестацијата, а Димовски вели дека е подготвен и добро ги совладал обичаите карактеристични за Галичката свадба.

Судбоносното „да“ младенците ќе го кажат утре во храмот „Св. Апостол Петар и Павле“.

Посетителите ќе можат да проследат над 30 обичаи кои што ќе се изведуваат за време на свадбарските денови.

На манифестацијата учество ќе земат околу 100 статисти облечени во автентични галички носии, КУД со околу 30 учесници, коњица и коњи со техничката поддршка, односно вкупно околу 250 луѓе.

Според многумина, ова е една од најспектакуларните културни манифестации во земјата. Инаку, неодамна според „Њујорк тајмс“ и светски познатото списание „Нешнл џиографик“, Глачичка свадба беше прогласена за најтрадиционален свадбен фестивал во Европа.

Македонскиот филм „Исцелител“ ќе се прикажува во грчките кино сали

$
0
0

Македонскиот игран филм „Исцелител“ на режисерот Ѓорче Ставрески од четврток ќе се прикажува во грчките кино сали. Својата кино премиера филмот ќе ја има во едно од најстарите кина во Атина - „Трианон“. „Исцелител“ е прв долгометражен филм во македонско-грчка копродукција и е единствениот македонски филм добитник на награда на престижниот Солунски филмски фестивал. Кино дистрибуцијата на „Исцелител“ во Грција следува по освоените девет меѓународни награди, учеството на 24 светски филмски фестивали низ Европа, САД, Кина и Азија, телевизиското и интернет емитување на ХБО и Синема Ворлд, како и успешното прикажување пред домашната публика во 17 градови низ Македонија. Главните улоги во „Исцелител“ ги толкуваат: Благој Веселинов и Анастас Тановски, а останатите улоги: Аксел Мехмет, Димe Илиев, Александар Микиќ, Мирослав Петковиќ, Симона Димковска и други. Автори на музиката се Бранислав Николов, Пеце Трајковски-Брада и Гоце Јованоски, директор на фотографија е Дејан Димески, монтажер Мартин Иванов, а сценарист, режисер и продуцент е Ѓорче Ставрески. Филмот е во продукција на Фрагмент филм од Скопје и во копродукција со ГРААЛ С.А. од Грција. Киното „Трианон“ постои од 1961 година и повеќе од 50 години е една од најактивните кино сали во Грција, која прикажува уметнички филмови од европската и светската сцена. „Трианон“ е посветен на љубителите на кинематографската уметност и зазема значајно место во историјата на градот. Се наоѓа во центарот на Атина и сместено е во објект изграден во стилот на „баухаус“, има затворена кино сала, сцена за концерти, изложбен простор и отворено кино кое се користи во текот на летните месеци. Киното било отворено со проекцијата на „Никогаш во недела“ на режисерот Џулс Дасин, грчкиот добитник на Оскар за филмска музика и на Златна палма за најдобра актерка во 1960 година. Во киното „Трианон“ многу филмови од светската кинематографија ги имале своите грчки премиери, како на пример филмовите „Еле“ на режисерот Пол Верховен, „Аве Цезар“ на браќата Коен, „Ноќни животни“ на Том Форд и други. Во киното редовно се одржуваат и проекции на светски филмски класици како „Мојот американски пријател“ на Вим Вендерс, „Лет над кукавичјото гнездо“ на Милош Форман, „Хирошима љубов моја“ на Алан Рене, како и на филмови од немата епоха. (МИА)

ФОТО: Ја украдоа галичката свадба! Овие дечиња ги освоија сите гости

$
0
0

Во време на овие два свадбарски денови се одржаа 30 обичаи, а црковната венчавка се одржа во храмот „Св. Апостол Петар и Павле“. На манифестацијата учествуваа околу 100 статисти облечени во галички носии, КУД со околу 30 учесници, коњица и коњи, вкупно околу 250 луѓе. Но церемонијата падна во сенка, откако се појавија овие мали дечиња кои го засенија целиот настан.

На „Скопско лето“ изложба инспирирана од играчките и роботите

$
0
0

„Играчки и роботи во книгите на уметниците - пергамент концертина“ е насловена изложбата која вечер од 20 часот во рамки на „Скопско лето“ ќе биде отворена во НЛБ Галерија. Дирекцијата за култура и уметност-Скопје ја организира во соработка со Друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ). Авторка на изложбата е Лепосава Милошевиќ-Сибиновиќ, академски скулптор и сликар од Србија, за која играчките и роботите се ликовна инспирација. Учесници во проектот се уметници од Србија, Македонија, Франција, Мексико, Шпанија, Унгарија, Бугарија, Ерменија, Куба, Хрватска, Канада, Русија. Според авторката, човековата потреба за играње е стара колку и човекот и е поврзана со разни предмети - од едноставни, пронајдени во животната средина, до комплексни современи електронски уреди. Играчките се неразделен предмет при растењето, но се и културен показател за времето во кое биле (постоеле) или се  уште се актуелни. Играчки изложба 2 - Малиот човек се идентификува со својот омилен предмет, а честопати во подоцнежните години го чува како симбол на вечен спомен од детството. Во директен контакт со играчките, се стекнува искуство и вештина, се развива имагинацијата, негува желбата за надминување на пречките, се поттикнува натпреварувачкиот дух но и креативен потенцијал. Сето ова е од суштинско значење за разбирање на емоционална и психолошка состојба на детето, за подоцна да стане потпора  во животот, наведува авторката Милошевиќ-Сибиновиќ. На програмата Кафе-кино, пак, вечер од 21 часот во Сули ан е романтичната комедија „Париз може да почека“ во режија на Еленор Копола.

Почнува 30. Поетска ноќ во Велестово

$
0
0

На локации во Велестово и Охрид денеска и утре ќе се одржува 30-та „Поетска ноќ во Велестово“, годинава со скратена програма и посветена на најновата македонска поезија. Манифестацијата ќе почне вечер во 21 часот пред чешмата во Велестово, каде што ќе настапат шест поети: Јовица Ивановски, Тихомир Јанчовски, Елизабета Баковска, Николина Андова Шопова. Ѓоко Здравески и Исток Улчар. Во тремот на црквата „Успение на Света Богородица“ ќе биде отворена изложба „15 години - Арт поинт гумно“ со дела на уметници од светот. Во кафе-бар „Шила“ во Охрид утре ќе се одржи поетскиот настан „Имам нешто да ти кажам“, а во соработка со Фондацијата „Славко Јаневски“ утревечер од 20 часот во куќата „Уранија“ ќе биде претставен романот „Одбројување“ од Фросина Пармаковска, добитник на наградата „Роман на годината“ за 2017 година. По повод јубилејот ќе биде објавена книгата „Гласови на новиот век – панорама на поновата македонска поезија“ и јубилејното гласило на манифестацијата, а во подготовка е монографија „30 години Поетска ноќ во Велестово“ која ќе биде промовирана следниот месец. Од годинашната програма изостанало планираното гостување на пет хрватски поети и издавање книга посветена на современата хрватска поезија бидејќи, како што наведува организаторот, манифестацијата оваа година не добила поддршка од Министерството за култура. Од таа причина нема да се одржи ниту ноќта посветена на македонската хаику поезија, гостување на организатори на сродни манифестации од Европа и настап на претходни учесници.  (МИА)

Во Крива Паланка изложба за дводецениското аматерско творештво на Игор Додевски

$
0
0

Љубителите на уметноста од Крива Паланка од денеска можат да ја погледнат ретроспективната изложба од дводецениското творештво на нивниот сограѓанин Игор Додевски. Педесеттина дела работени во техника акрил на платно се изложени во градската уметничка галерија Градски музеј Крива Паланка во рамки на првата самостојна изложба „Дваесет години аматерско творештво“ на Игор Додевски. Настанот е во организација на Општина Крива Паланка и Градски музеј, а е дел од програмата на „Кривопаланечко културно лето 2018". Градоначалникот Борјанчо Мицевски истакна дека во рамки на Кривопаланечкото културно лето се предвидени повеќе настани меѓу кои и оваа изложба со што се збогатува културниот живот во општината, се промовираат локалните автори. Додевски е роден во Крива Паланка 1978 година, по професија е дипломиран правник, а со аматерско сликарство се занимава од најмлада возраст. Во почетокот работи цртежи со молив и јаглен, а подоцна и со акрилни и маслените бои на на платно, дрво и други медиуми. Тематски работи портрети, мртва природа, животни, апстрактна уметност, македонска архитектура и фолклор. Неисцрпен извор на инспирација во неговото творештво е Манастирот „Св. Јоаким Осоговски“ кој е застапен со повеќе од една третина во неговото вкупно творештво. Игор Додевски досега реализирал повеќе заеднички изложби во Музеј на Град Скопје-Стара Железничка Станица, Културно информативен Центар Скопје, Музеј на град Битола, Хотел Гранит Охрид, Vibrant Art Gallery - Канада и други.

Концерт за две пијана со Сун Хи Јоу и Марко Чампи на „Охридско лето“

$
0
0

Музичката програма на годинашното 58. издание на „Охридско лето“ продолжува со вечерашниот концерт за две пијана на уметниците Сун Хи Јоу и Марко Чампи на сцената на катедралната црква „Света Софија“. За пијанистката Сун Хи Јоу критиката вели дека е една од највозбудливите изведувачи во подем, која постојано ја одушевува публиката низ светот. Уште од самото нејзино деби таа од дете-гениј прераснува во комплетен музички артист со изразена експресивност и техничка зрелост во свирењето. Соработувала со голем број оркестри под диригентската палка на исклучителни светски диригенти. На нејзиниот репертоар се наоѓаат разновидни дела – почнувајќи од времето на барокот, па сè до дела од дваесеттиот век. Има издадено и неколку компакт-дискови. Пијанистот Марко Чампи е извонреден изведувач, тоа го  докажува и фактот што досега има победено на преку 30 национални и интернационални пијано натпревари. Дипломирал на престижниот конзерваториум „San Pietro a Majella“ во Неапол во 2003 година со највисоки оценки. Како солист, Чампи досега се појавил на некои од најпрестижните сцени во Европа и Америка, како и на повеќе фестивали во светот. Во текот на својата кариера работел со проминентни оркестри и истакнати композитори и изведувачи. Неговите изведби редовно се емитуваат на престижни радио станици. На програмата на вечерашниот нивен настап насловен „176 дирки – боите на црното и белото“ се дела на Лист, Шопен, Дибиси, Лугославски, Бетовен, Гершвин, Гулда, Капустин, Пјацола, авторски композиции на маестро Чампи, како и популарни мелодии на познати изведувачи.

„Дуо пијано“ со уметниците Иво Варбанов и Фиамета Тарли на „Охридско лето“

$
0
0

Музичката програма на „Охридско лето“ продолжува вечерва со концертот „Дуо пијано“ на уметниците Иво Варбанов и Фиамета Тарли во катедралната црква „Света Софија“. Бугарскиот пијанист Иво Варбанов е еден од најпознатите претставници на бугарската музичка култура во светот. Пијаното започнал да го изучува на шестгодишна возраст под менторство на Елеонора Карамишева. Во понатамошното негово школување му помогнале видни пијанистички имиња, какo Рикардо Бертацоло, Илонка Декер, Суламита Ароновски, Франк Вибот, а се усовршувал и на мајсторските курсеви на Александар Лонквич, Бери Даглас и Лев Наумов. Варбанов има богата дискографија, а во 2014 година заедно со неговата сопруга Фиамета Тарли, основа и своја издавачка куќа – ICSM Records. Настапува како солист и камерен музичар со голем број истакнати артисти. За промоција на бугарската музика надвор од границите на земјата, Варбанов е добитник на наградата „Иван Вазов“, а во 2011 година ја добива и наградата „Сребрен лав“ што ја доделува Министерството за надворешни работи. Фиамета Тарли се запознава со пијаното на петгодишна возраст благодарение на италијанскиот пијанист Џампиеро Семераро, а на само девет години го одржува својот прв концерт. Дипломира на Конзерваториумот во Фиренца, под менторство на истакнатите професори: Марија Типо, Лидија Рочети Пецати и Илонка Декер. Вокална и инструментална камерна музика пак, изучува на Кралската музичка академија во Лондон. За време на својата активна изведувачка и образовна дејност, Тарли успева и да магистрира и да докторира на полето на музикологијата на Кралскиот колеџ во Лондон. Редовно настапува во Италија, Германија, Бугарија, Словачка, Унгарија, Шпанија, Турција и Велика Британија. На полето на камерната музика често настапува со својот сопруг Иво Варабанов. На програмата на вечерашниот нивен настап се љубовни песни на Јоханес Брамс, љубовни композиции во вид на валцери, како и извадоци за пијано изведба со четири раце од балетот „Посветување на пролетта“ на Игор Стравински.

Концерт со шпанска музика на „Скопско лето“

$
0
0

На „Скопско лето“ вечер од 20.30 часот во Музеј на Град Скопје концерт ќе има шпанската сопранистка Марија Еухенија Бош, а на пијано ќе ја придружува нејзината сонародничка Ана Фере. Концертот е насловен „Ветришта од Шпанија: песна и сарсуела“. Дирекцијата за култура и уметност-Скопје го организира во соработка со Амбасадата на Кралството Шпанија. Сопранистката Марија Еухениа Бош дипломирала на Конзерваториумот за музика на Саламанка, а магистерски студии завршила на Кралскиот конзерваториум во Брисел. Во текот на кариерата настапувала во повеќе оперски куќи, а покрај опери, во нејзиниот репертоар често има и ораториуми. Настапува и како камерен музичар со голем број познати изведувачи и ансамбли во Франција, Италија, Швајцарија, Австрија, Германија, Русија, Полска и Америка. Има снимано и за повеќе радија - Националното радио на Шпанија, за португалски и австриски радиостаници за класична музика, БиБиСи и телевизијата „Медичи“. Пијанистката Ана Фере, пак, потекнува од познато музичко семејство. Пијано и камерна музика изучувала на Конзерваториумот во родното место Жирона и во Барселона. Дипломирала со највисоки оценки и добила  дипломи од највисок ранг за пијано и камерна музика. Редовно настапувала како камерен музичар во состави со признати музички уметници, но не ја запоставила ниту солистичката дејност, соработувајќи притоа со различни оркестри во повеќе земји во светот. Има направено снимки за радио и телевизиски станици, а често издава и компакт-дискови за германските издавачки компании „Ламбдома“ и „Гудлајф рекордс“. Истовремено, Фере има и успешна педагошка дејност на Конзерваториумот во Жирона, каде 12 години го води одделот за пијано и камерна музика со ученици што победиле на различни интернационални натпревари по пијано. Шпанските музичарки на концертот на „Скопско лето“ ќе изведат дела од Енрике Гранадос, Федерико Момпу, Хоакин Турина, Мануел де Фаља, Пабло Луна... МИА

Скандалозно објавување на конкурси од страна на Министерство за култура

$
0
0

Среде лето, во ек на годишните одмори, Министерството за култура објави конкурсите за директори на 27 национални установи низ Македонија. Во конкурсот излезен само во еден дневен весник со јасна провладина политичка ориентација, се бараат директори за три театри, осум центри за култура, шест музеи, три универзитетски библиотеки, за двата конзерваторски центри, во Скопје и во Гостивар, директор на Кинотеката на Македонија, Струшки вечери на поезијата, Охридско лето, Спомен-куќата на Мајка Тереза и за Ансамблот на албански ора и песни, и за три театри во Скопје, за МНТ, Драмски и „Театар Комедија“. Културните работници во Македонија се во шок од терминот за распишување конкурс за нови директори. Нивниот револт е поттикнати од низата одговори на прашањата од институциите кои водат само кон еден заклучок, дека се работи за оглас само за нови партиски функционери, за веќе определени имиња кои подготвени го чекаа појавувањето на конкурсот. Не држи вода објаснувањето од ресорното министерство дека од јануари до сега ги усогласувале статутите во однос на условите за избор на директор. Главната спорна точка која укажува на можност за нова злоупотреба, непотизам и партиско полнење на државните институции е тоа што само министерот за култура одлучува за избор или за неизвршување на избор на директори. Всушност, изборот на директори сега, во овој период е можноста за надвладување на партиското над стручното во изборот, со што целата работа би се свела на избор на послушници потребни во следниот период за да ги спроведуваат политиките на власта. Тие наместо да се грижат за културата и македонската посебност, да бидат чувари и потсетници на македонската културна и историска нишка, избраните, според интенциите на евентуално вака наместен избор, ќе треба да се држат до владината стратегија за бришење на оние текстови, поставки, научни трудови, но и претстави од театарскиот репертоар во кои би се споменувала македонската историја и трагедиите на македонскиот народ од политиките од соседствата, со што на власта би се нарушил концептот на наметната „добрососедска политика“, во која нема место за бугарската окупација или грчкиот прогон врз Македонците, нема место за македонското прашање, нема место за македонската историја пред втората светска војна. Тоа што власта го прифати во двата договори со соседите, бришење и ревидирање на учебниците и училишниот материјал од историските факти, сега веројатно ќе се применува и во културата. На новите директори, како што се надева власта, би паднала и обврската за бришење на македонското од името на институциите, согласно спогодбата со Грција.

Почнува шестото издание на фестивалот ДримОн

$
0
0

Под мотото „Култура сега!“ од денеска до 29 јули во Струга ќе се одржи шестото издание на фестивалот за процесирање култура ДримОН во организација на Иницијатива за независен културен активизам ИНКА. Со ова мото, како што информираат организаторите, сакаат да упатат порака да не се запоставува културата и оти мора веднаш да се дејстува за нејзино издигнување од пепелта. - ДримОН апелира за културни настани и во провинцијата, за кварт на култура во Струга, деметрополизација, современост, интердисциплинарност, интеркултура, уметничка автономија, за унапредување и оплеменување на културните институции, за право на култура до сите, соопшти организаторот. Петдневната програма на годинашното издание е богата со книжевни промоции, дискусии, музички концерти, театарски претстави, дискусии, изложби. На петте фестивалски денови предвидени се детски арт работилници, промоција на книгата „Ехо на слободата“ на Ана Јовковска, ликовни изложби на Антони Мазневски и Никола Радуловиќ, откривање музејски тајни во соработка со музејот „Доткор Никола Незлобински“... театар во сенки ќе ја изведе детската претстава „Малиот принц“.... Фестивалот ДримОн е во организација на здружение Иницијатива за независен културен активизам ИНКА Струга, во копродукција со центарот за култура „Браќа Миладиновци“ поддржан од Министерство за култура на Република Македонија, преку годишниот конкурс за интердисциплинарни проекти, како и од фондацијата Отворено општество Македонија, за проектот „Заедничка платформа за култура – култура до сите“. МИА

Промоција на книга раскази за Ново маало од Владимир Плавевски

$
0
0

Книгата раскази „Динга стоп: скопски приказни од Ново маало“ од Владимир Плавевски вечер од 19 часот ќе биде промовирана во скопската населба Ново маало, а утревечер во истиот термин во книжарницата Литература.мк на ул. „Македонија“. Ново маало е автентичната скопска населба која е во фокусот на расказите на Плавевски, кој ќе има средба со своите новомаалци за да  се потсетат на животот и луѓето од старо Скопје и некогашно Ново маало. Издавачот „Арс Либрис“ посочува дека во збирката може да се прочитаат носталгични и емотивни реминисценции за одамна минато време и за едно невино детство изгубено во маалскиот амбиент. Според Плавевски, Ново маало сè уште постои и е речиси исто и непроменето како и пред седумдесет години – времето кога биле реалност расказите содржани во книгата. - Ново маало своевремено било центар на светот за новомаалците, микрокосмос од кој почнува и завршува сè. Таму се зборувал локален, маалски јазик и имал свое наречје, различно од тоа на соседните маала, поради што неретко луѓето не се разбирале меѓусебно. Маалската гордост ја чувале маалските банди, секогаш закрвени со тие отспротива. И покрај скудниот начин на живот, маалските улици ечеле од детскиот џагор и нивните необични игри, наведува „Арс Либрис“. Во книжарницата Литература.мк книгата раскази утревечер ќе ја претстави новинарот Мојсо Мојсовски,, a извадоци ќе чита актерката Снежана Конеска-Руси. Со овој настан во книжарницата ќе биде одбележана 55-годишнината од скопскиот земјотрес. Владимир Плавевски (Скопје, 1948) дипломирал на Медицинскиот факултет во Скопје во 1974 година. Член е на Друштвото на писателите на Македонија од 2000 година.  Автор е на  сценарија за ТВ-серии, филмови, радиодрами, драмски текстови, раскази и романи. Во 2013 година, ја доби наградата Роман на годината на „Утрински весник“ за романот „Јадица“. МИА

Промоција на антологија песни посветени на скопскиот земјотрес

$
0
0

Антологијата на песни посветени на скопскиот катастрофален земјотрес насловена „Ден судбоносен – 26 јули 1963“ по повод 55-годишнината од овој најтрагичен настан во поновата историја на Скопје, ќе биде промовирана вечер во 19,00 часот во Домот на културата „Димитар Влахов“ во скопската населба Автокоманда. Антологијата ја приредија новинарите на Македонското радио – Радио Скопје и публицисти Свето Стаменов и Искра Чоловиќ и проф. д-р Васил Тоциновски, универзитетски професор, литературен теоретичар и критичар, писател и поет. Антологијата, која е плод на речиси двегодишна континуирана истражувачка работа, содржи 182 песни на деведесетина поети од речиси сите страни на светот, кои преку нив ги искажуваат својата болка и тага за она што го снајде Скопје во тој судбоносен и во црно завиткан 26 јули 1963 година, но и надежта дека Скопје повторно како феникс ќе се крене од пепелта и урнатините. Според приредувачите, во изданието со свои песни се застапени автори од сите генерации македонски поети, почнувајќи од највидните претставници на македонската поетска реч: Славко Јаневски, Ацо Шопов, Гане Тодоровски, Анте Поповски, Лазо Каровски, Љупчо Стојменски, Томе Арсовски, Евгенија Шуплинова, Бистрица Миркуловска, Цане Андреевски, Иван Чаповски, Влада Урошевиќ, Драгица Најческа, Славка Арсова и др., па до најновата генерација македонски поети, од кои некои своите песни ги напишаа специјално за оваа антологија. Од поетите од странство, меѓу другите, со свои песни се застапени: Јеврем Брковиќ, Јуре Каштелан, Славко Михалиќ, Кристине Буста, Иван В. Лалиќ, Јон Хореа, Елио Филипо Акрока, Луси Албертини, Алберто Баеса Флорес и др. Посебен куриозитет, како што се наведува, претставува тоа што во антологијата првпат на македонски јазик интегрално се објавува и збирката „Урнатини” на познатиот хрватски и македонски филозоф и еден од втемелувачите на катедрата по филозофија на Филозофскиот факултет во Скопје и поет Павао Вук-Павловиќ. За него, скопскиот земјотрес беше главен мотив на својот мајчин хрватски јазик да ги напише антологиските 33 скопски сонети кои во 1964 година беа вкоричени под наслов „Развалине”, а кои пет децении подоцна беа препеани на македонски од универзитетскиот професор Кирил Темков. Во прилогот насловен „Скопскиот земјотрес и музиката“, пак, по првпат на едно место се собрани текстовите на песните што за скопската катаклизма и за Скопје ги испеаја легендите на македонската народна музика: Никола Бадев, Васка Илиева, Александар Сариевски и сестрите Мавровски. Промотори на антологијата „Ден судбоносен – 26 јули 1963“ се проф. д-р Елена Јованова – Грујовска, директор на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, и проф. д-р Александар Прокопиев, универзитетски професор и писател, а покровител на изданието и на промоцијата е градоначалникот на Општина Гази Баба, Борис Георгиевски. МИА

Триото „Џентлмен“ ќе настапи на „Скопско лето“

$
0
0

Триото „Џентлмен“ вечер од 21 часот на Факултет за ликовни уметности – Сули ан во рамки на „Скопско лето“ ќе одржи концерт „One Night Only“. Тенорите Дејан Стоев и Дарко Нешовски и баритонот Кристијан Антовски, кои го сочинуваат триото, ќе настапат со светски хитови. „Џентлмен“  го негуваат поп класичниот стил и во три години постоење имале повеќе од осумдесет настапи во Македонија и во странство. На репертоарот на тројцата оперски пејачи се руски романси, италијански канцони, шпански песни, како и дела од македонското музичко творештво.

Продолжува истражувањето на неолитската населба Врбјанска Чука

$
0
0

На археолошкиот локалитет Врбјанска Чука во Пелагонија овој месец продолжуваат истражувањата кои се насочени на неолитската населба формирана пред 8 000 години, како и на фазите на овој локалитет во доцната антика и средниот век. Во теренските истражувања се вклучени археолози и студенти од Македонија, Германија, Полска, Словенија и Чешка, а во рамките на проектот се прават анализи со стручни лица од повеќе институции во Швајцарија, Шпанија, Франција и Србија. Покрај проучувањето на материјалната култура, архитектурата, стопанството и општествените процеси, истражувањата вклучуваат и примена на геодетско документирање, археоботаника, археозоологија, геомагнетно скенирање, дигитална топографија, геоархеологија, фотограметрија и 3Д моделирање, дронска ортофотографија, изотопски, радиокарбон и функционални анализи. Годинашните теренски истражувања на Врбјанска Чука се во соработка меѓу Центарот за истражување на предисторијата, Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј - Прилеп и Институтот за старословенска култура. МИА

На „Охридско лето“ музичка вечер со германските уметници Турку и Чернјавска, како и театарската претстава „Странци“

$
0
0

Осумнаесеттиот ден на годинешното „Охридско лето“ на програмата нуди два настани – концерт на германското дуо Рубенс Турку на виолина и пијанистката Милана Чернјавска во „Света Софија“ и театарската претстава „Странци“ на Драмскиот театар од Скопје за која е резервирана сцената на Центарот за култура „Григор Прличев“. Германскиот виолинист Рубенс Турку своето деби го доживува во Америка, по што неговата концертна дејност зема замав и тој се појавува во најголемите концертни сали во светот и на најпрестижните музички фестивали во Германија. На тие настапи Турку се прославува како солист и камерен музичар заедно со изведувачите Јулија Фишер, Албан Герхард, Ана Чумаченко, Милана Чернјавска и голем број значајни музички ансамбли и оркестри. Неговата дискографија опфаќа неколку компакт-дискови одлично прифатени од слушателите и стручната јавност. Успешен е и на полето на образовната дејност. Тој е професор на Државниот конзерваториум во Форарлберг, Австрија, на Академијата „Пероси“ во Биела, Италија, а редовно одржува и мајсторски курсеви во повеќе земји во светот. Германската пијанистка со украинско потекло, Милана Чернјавска, се смета за една од водечките пијанистки денес. Постојано е присутна на светската сцена, на интернационалните фестивали во речиси сите големи музички центри. Нејзините артистички достигнувања се наградени со бројни национални и интернационални награди. Покрај солистичката дејност Чернјавска е позната и како камерен изведувач. Во нејзината дискографија се сретнуваат повеќе десетици компакт дискови, направени во соработка со познати издавачки куќи. За нив Чернјавска има добиено повеќе награди. Често одржува и мајсторски курсеви, а може да се сретне и како член на жирито на повеќе престижни пијано натпревари. На програмата се дела на сонати за пијано и виолина на Григ, Бетовен, Дворжак. За театарската претстава „Странци“ во изведба на Драмскиот театар од Скопје, може да се каже дека е „драмомедија“ во која седумина пријатели играат игра во која ги споделуваат сите телефонски пораки, разговори, фотографии, комуникациите преку социјалните мрежи и на тој начин ги откриваат личните тајни, отворајќи болни конфликтни ситуации. Истовремено се потенцираат разликите помеѓу приватното и јавното себе претставување. Паралелните дејства создаваат епска сценска наративност која не се стреми да го означи крајот, туку расте во широчина. Сѐ во име на вистината. По соочување со вистината, следи судир со пост вистината, состојба во која фактите стануваат помалку влијателни отколку што се тоа емоциите и личните убедувања. Текстот е по сценариото на италијанскиот филм „Перфектни странци“, а играат Игор Ангелов, Ирена Ристиќ, Билјана Драгиќевиќ-Пројковска, Зоран Љутков, Сања Арсовска, Филип Трајковиќ и Предраг Павловски. Драматург е Викторија Рангелова Петровска, сценограф Константин Трпеноски, костимограф Роза Трајческа Ристовска, а композитор Огнен Анастасовски. Поставката на претставата е на режисерката Нела Витошевиќ која високото образование и магистерските студии ги заврши на Факултетот за драмски уметности во Скопје, под менторство на професорот Слободан Унковски. Од 2011 до 2015 година работи и како демонстратор на истиот факултет, на отсекот актерска игра. Нејзината кариера успешно започнува со дипломската претстава „Чикашки перверзии“, на Дејвид Мамет, поставена и изведувана во Драмскиот театар – Скопје. Понатаму нејзината кариера се развива со претставите „Вејка на ветерот“ и „Да тргнеме Сењор“ во Македонскиот народен театар, „Сон на летната ноќ“ и „Змејовата невеста“ во Прилепскиот театар, „Жена од минатото“ на Роланд Шимелфенинг, „Стари времиња“ од Харолд Пинтер и.т.н. Со претставата „Змејовата невеста“, Нела ги освои и главните државни награди и признанија за театар – награда за најдобра режија и награда за најдобра претстава на Фестивалот „Војдан Чернодрински“. Од огромна значење за нејзиниот развој како професионалец е и формирањето на нејзиниот независен театар „Wonderland Theatre“ кој донесе свежина и поинаков пристап на независната театарска сцена во Македонија. Таа таму направи неколку претстави: „Фирма“, „5:17“, „Брод за кукли“. За претставата „Брод за кукли“ ја доби главната награда од жирото, за најдобра претстава на фестивалот МОТ. Во моментов е вработена во Македонскиот народен театар каде што ја подготвува нејзината нова претстава.

Свечено затворање на интернационалниот фестивал на античка драма „Стоби“ 2018

$
0
0

На сцената на амфитеатарот во древниот антички град Стоби вечерва свечено ќе биде затворен годинашниот  17-ти Интернационален фестивал на античка драма „Стоби“, во организација на општина Велес и под покровителство на Министерството за култура. На фестивалот вечерва ќе бидат доделени востановените  награди за најдобра машка и женска улога, за најдобра режија и Гран при наградата за најдобра претстава. Од идната година сите награди ќе бидат именувани по познати глумци и режисери, најавија организаторите на фестивалот. За наградите одлучува жирито на фестивалот, чиј претседател е познатиот руски режисер Николај Круглов, а членови актерот Мето Јовановски и театарологот Ана Стојановска. Во конкуренција за наградите се пет претстави: „Лисистрата“ од Аристофан во изведба на велешкиот Народен театар, претставата „Јулие Цезар“ на Битолскиот Народен театар, „Ардалион“ на Ерванскиот државен театар за пантомина, „Кралските копилиња“ на велешкиот Народен театар и претставата „Нерон и јас“ на Хамбилскиот регионален руски драмски театар од Казахстан, а која беше изведена вчеравечер во Стоби. Во чест на наградените и затворањето на фестовалот ќе биде изведена комедијата „Лисистрата“ од Аристофан во режија на ерменскиот режисер Јакоб Казанчјан, на ансамблот на велешкиот Народен театар. Современа верзија, а која премиерно  беше изведена на свеченото отворање на фестивалот на 19 јули. Организаторите и вечерва во Стоби ги повикуваат да дојдат  сите љубители на античкиот театар, а за сите нив влезот е слободен. Воедно во 19:45 за велешката публика се  обезбедени и бесплатни автобуси од центарот на Велес.

Вечер на интернационална музика и игра на фестивалот „Илинденски денови“

$
0
0

Фестивалот на народни песни и игри „Илинденски денови“ во Битола вечер продолжува со програма на интернационална музика и игра која ќе ја исполнат ансамблите и фолклорните групи кои доаѓаат од странство. Фестивалската вечер ќе ја отвори фолклорната група од Зегоцин-Полска, а пред публиката во Битола ќе настапат и КУД „Коста Абрашевиќ“ од Краљево-Србија, Хрватското културно друштво од Шид, фолклорниот ансамбл „Снутки“ од Потарзица-Полска, КУД „Прва петтолетка“ од Трстеник-Србија, фоклорниот ансамбл „Матија Губец“ од Карловац-Хрватска, фолклорната група од Искеле-Северен Кипар и ансамблот за песни и игри од Лорка-Шпанија. На интернационалната вечер ќе настапат и македонските културно уметнички друштва „Илинден“ и „Гоце Делчев“, и двете од Битола. Фестивалот на народни песни и игри „Илинденски денови“ е член на светската асоцијација на фолклорни фестивали-ЦИОФФ, а се одржува под покровителство на Собранието на Република Македонија.
Viewing all 3463 articles
Browse latest View live