
За своето прво претставување во Бугарија, ансамблот ќе настапи со својата камерна формација „Дувачки квинтет” во состав: Катерина Бачевска (флејта), Владимир Лазаревски (обоа), Игор Иванов (кларинет), Горан Јанев (хорна) и Марјан Милошевски (фагот).
На програмата се дела со современа македонска музика од Љубомир Бранѓолица, Александар Џамбазов и Стојан Стојков, но и музика за дувачки квинтет од Марин Големинов, Ференц Фаркаш, Астор Пјацола, Жорж Бизе и Леонард Бернштајн.
Концертот кој е дел од годишната програма на нашиот Центар во Софија се остварува во соработка со Сојузот на композиторите на Македонија-СОКОМ.
Претставниците од СОКОМ и македонските музичари пред пубиката во Софија ќе ги претстави директорот на КИЦ во Софија Васко Шутаров, а ова музичко гостување е поддржано од Министерството за култура.
Ансамблот за современа музика „Контемпора“ е формиран во 2014 година од страна на Сојузот на композиторите на Македонија, со цел да бидат што почесто изведувани и промовирани нови дела од македонски автори. Ансамблот брои дваесет инструменталисти со значително искуство во изведбата на современата музика и во зависност од репертоарот, делува во различни инструментални формации. Во изминатите неколку години од своето основање, ансамблот има остварени турнеи во Холандија, Белгија, Австрија и одржано бројни концерти во Македонија. Ансамблот има реализирано и повеќе студиски снимки на новосоздадени дела од композитори од САД, Италија, Индонезија, Иран, а во својот досегашен репертоар има претставено преку 50 дела на автори од Македонија.