
Организатор на биеналето е Фото клубот „ЕЛЕМА“ од Скопје. Добитник на Гран при награда „Плакета на Град Скопје“ е Аркадиуш Браницки од Полска, а традиционално наградата се доделува по повод 13 Ноември- Денот на ослободувањето на Град Скопје.
Изложбата ќе ја отвори ликовниот уметник и универзитетски професор Елизабета Аврамовска.
На годинашнава Фотомедиа селекцијата ја направија и наградите ги доделија Боро Рудиќ, Зоран Пургер од Србија и Јавор Попов од Бугарија. Според нив, карактеристично е што конечно запрело континуираното намалување на бројот на испратени дела.
– Првпат по десетина години, постои пораст на пристигнатите дела, зголемување за петнаесет проценти во однос на последната изложба. Дали е ова знак дека вистинските автори полека се заситуваат од дигиталните изложби и нивниот начин на работа, каде презентациите на фотографии обично завршуваат само како проекција на некој ѕид, или е ова чиста случајност, ќе покаже времето, истакнува Рудиќ во воведната реч за каталогот на „Фотомедиа 2016“.
„Фотомедиа“ е една од ретките изложби во светот која се уште ја негува исклучиво принт-фотографијата, во која доминира авторскиот пристап и по тоа е препознатлива во Светската фотографска асоцијација (FIAP).