
Книгата е составенa од 15 лични приказни на родители, сестри/браќа на деца и младинци со пречки во развојот, а илустрирана е со фотографии на Драги Неделчевски.
Промотори на изданието ќе бидат писателот Гоце Смилевски и психологот Каролина Костадиновска.
Авторките Георгиевска Наневска (психолог, предавач на универзитетите „Сафолк“ и „Сент Луис“ во Мадрид) и Петревска Георгиева (новинарка во „Нова Македонија“) се мајки на девојчиња со посебни потреби, додека авторот на фотографиите Неделчевски од Тетово, е татко на момче со церебрална парализа.
Според издавачот, книгата опфаќа исповеди на членови на најтесното семејство за нивните најблиски со различни видови попречености (Даунов синдром, церебрална парализа, аутизам и други ретки болести), кои произлегуваат од различни социјални, верски и етнички контексти и ќе мотивира многумина во прифаќањето и споделувањето на нивните искуства.
– Книгата има и едукативен и терапевтски карактер. Покрај описот на дијагнозата и секојдневјето на детето, родителите пишуваат за терапиите, социјалните и семејните односи, интегрирањeто во градинка/ училиште, самогрижата и нивните начини на справување, a даваат и сугестии за тоа како може да се подобрат условите за живеење на овие деца кај нас. Во книгата се застапени и дел од децата со попреченост со кои се направени куси разговори, со цел да се чуе и нивниот глас, наведуваат авторите.
Книгата е поддржана од Министерството за култура на РМ, компании и голем број пријатели.