
Со делото „Ничија земја“, кое е инсталација – објект, Македонија првпат се претставува со наменски проект за Биеналето на архитектура 2016.
Куратор на проектот е Стојан Павлески (архитект и визуелен уметник), автори на проектот се Стојан Павлески (архитект и визуелен уметник), Иван Симеонов (архитект, инженер), Ѓорги Радовановиќ (архитект) и Љупчо Тасевски (архитект).
Комесар на Македонскиот павиљон е Иванка Апостолова (ликовен антрополог, историчар на уметност), соработници на проектот се Влатко Чавковски (архитект и фотограф), Натали Павлеска (архитект), Ристо Кокаланоски (архитект), советници на проектот се професор и визуелен уметник Станко Павлески (ФЛУ, Скопје) и Јован Шумковски (ФЛУ, Скопје). Ко-уредници на посветениот каталог на проектот се Иванка Апостолова и Стојан Павлески.
На годинашното Биенале, кое се одржува од 28 мај до 27 ноември, националната архитектура ја претставуваат вкупно 61 земја, а првпат учествуваат Казахстан, Нигерија, Филипини и Јемен. Селектор на главната архитектонска изложба е реномираниот архитект Алехандро Аравена од Чиле, добитник на наградата Прицкер, која често се нарекува и Нобелова награда во архитектурата.