
Меѓу поддржаните се проектите дигитална керамика, апликации на кирилица на дизајнерски производи, прва модна колекција со 3д печатење, прв македонски бренд на покуќнина (Мираз), Фестивал на фигури од овошје и зеленчук, неколку проекти на здруженијата на граѓани наменети за лица со посебни потреби…. Избрани се од комисија во состав Митко Хаџи-Пуља, Роберт Јанкуловски, Андреј Бартлинг, Гордана Вренцоска и Беким Мемети.
Резултатите од четвртиот конкурс на прес-конференција ги соопшти министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска која рече дека целта на конкурсите (кои произлегуваат од Националната стратегија за развој на културата 2013-2017) е да се поттикнат младите луѓе да го развиваат креативниот потенцијал и да создаваат инвентивни и квалитетни производи од кои ќе создадат бренд и ќе имаат финансиски бенефит.
– Овие проекти имаат естетска, оригинална, практична и применлива вредност; евидентна креативност и иновативност и одржливост на пазарот и навлегуваат во подрачјето на визуелните уметности: графички дизајн, мултимедијален дизајн, индустриски дизајн, дизајн на производ и моден дизајн, како и манифестации, фестивали и конференции и форуми од областа на креативните индустрии. Конкурсите ни овозможија да идентификуваме, но и да дефинираме препознатливи брендови на македонската култура и уметност, кои имаат за цел да ја вбројат нашата држава во редот на европските земји кои го препознаваат креативниот потенцијал како свое национално обележје, истакна Канческа-Милевска.
За претходните три конкурси Министерството намени вкупно 15,5 милиони денари, а за обединување на креативците и место каде тие ќе ги претстават своите производи го помогна и отворањето на Центарот за дизајн и иновации – Јавна соба. Таму на 6 февруари ќе биде отворена изложба на субвенционираните проекти. На конкурсот е поддржан и проект на овој центар – оваа година ќе биде отворена детска работилница, како и работилница во која дизајнерите ќе ги развиваат своите прототипови.
Членовите на комисијата се задоволни од одѕивот на учесниците на конкурсот и сметаат дека со проектите веќе се формира сцената на креативни индустрии во Македонија. Апелираа до заинтересираните учесници на идните конкурси да внимаваат на пополнувањето на апликациите.
Митко Хаџи-Пуља рече дека конкурсите треба да се објавуваат и натаму зашто имаат генеративна улога и се значајни на три интерактивни нивоа – економско, културно и образовно. Предложи во другите градови да се отвoрат павилјони – постојани изложбени и продажни места на производите на креативните индустрии кои ќе имаат и едукативна функција.