
На ова прво целовечерно претставување на нашата култура, актерите Иван Калошев и Тодор Тодоров од Драмскиот театар „Гео Милев” во Стара Загора интерпретираа стихови на македонски и бугарски јазик, од Ацо Шопов, Анте Поповски, Богомил Ѓузел, Веле Смилевски, Лилјана Дирјан, Никола Маџиров.
Директорот на КИЦ на Република Македонија во Софија Васко Шутаров, на отворањето на оваа културна вечер, на Библиотеката во Стара Загора подари десетици книги и од авторите кои беа читани но и од други познати македонски писатели.
Обраќање по повод вечерта на културата имаше и Снежана Маринова од име на Регионалната библиотека и претставници од Општина Стара Загора.
Беше отворена и изложбата „Конекција 2″ на која со свои дела се претставија 13 македонски ликовни уметници, кои во моментов живеат и работат во Бугарија.
Македонска вечер на културата во Стара Загора предизвика интерес и кај публиката, но и кај сите локални медиуми од Стара Загора. По првото поголемо претставување на нашата култура во овој град, со претставници на Општината е договорена натамошна редовна културна соработка меѓу нашиот Центар во Софија и културните институции од овој град.