
Неделата на дизајн во Пловдив ќе биде отворена денеска, кога како дел од официјалната програма ќе биде претставена изложбата на плакати од 8. Скопје постер фестивал на тема „Сите за луѓето со хендикеп“. Плакатите ќе бидат изложени во Домот на културата „Борис Христов“, каде в недела во рамки на програмските активности Плакарт ќе одржи презентација на тема „Меѓународниот студентски конкурс за плакат промотор на социјалниот плакат. Влијание врз свеста на луѓето за општествени и глобални проблеми“.
На фестивалот покрај Дизајн форумот, во кој оваа година учествуваат значајни дизајн професионалци како Еисуке Тачикава, Адам вон Хафнер, Петер Мариголд, Стевен Серато, ќе се одржаат изложби, работилници, концерти, проекции, дебати, настани наменети за деца.
One Design Week е во организација на ЕДНО, платформата која ги организира и фестивалите One Architecture Week и One Dance Week. Сите три фестивали првично се организираа во Софија, а од пред неколку години се под покровителство на општина Пловдив.