![]()
Изворниот оркестар „Осоговски извор“ од Оризари ја доби Гранпри наградата на 49. Фестивал на народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски“ што се одржа во Прилеп и на Рудина, Долнени. Гајдата на Пеце, што ја доделува општина Долнени ја доби гајдаџијата Роберт Митров од Фолклорниот ансамбл „Велигденски цветови“ од село Јаргулица, Радовиш.
Жири комисијата на фестивалот составена од професор д-р Родна Величковска, професор д-р Горанчо Ангелов и д-р Стојанче Костов доделија и специјални награди за учесниците од Србија и Бугарија и за исполнители од Македонија. Наградите беа доделени на синоќешната втора, завршна вечер што се одржа на Рудина, Долнени.
![]()
На годинашниов Фестивал учествуваа околу 300 изведувачи на изворниот мелос од сите краишта на Македонија, како и гости од Србија и од Бугарија.
-Целта ја остваруваме - се негува, се зачувува и се пренесува богатиот изворен мелос на новите генерации. Сѐ повеќе млади ни доаѓаат. На прагот сме на петтата деценија од одржувањето на Фестивалот и горди сме што даваме придонес во негувањето на богатиот изворен мелос, рече Родна Величковска, уметнички директор на Фестивалот.
Во рамките на Фестивалот, по 13-ти пат се одржа Семинарот за изучување на народните инструменти и песни, а по четврти пат Симпозиумот за фолклорот во минатото и денес.