![]()
Под мотото „Ја чуваме македонската музика“ вечер во големата сала на Филхармонија ќе се одржи концерт на македонските евергрини.
На концертот ќе настапат македонската оперска пејачка Весна Гиновска-Илкова, во придружба на камерниот оркестар Арко под диригентска палка на маестро Ерхан Шукри. Пијанистот Бобан Мирковски, кој ги направи аранжманите за овој концерт ќе ги придружува артистите на пијано.
-Среќна сум што ќе настапуваме под слоганот „Ја чуваме македонската музика„. Сметам дека е вистинско време да се потсетиме на македонските евергрини, кои се дел од нашата музичка традиција. Публиката ќе има можност да слушне нешто поразлично од оперската литература, тоа е музика која спојува многу генерации, која буди спомени од едно убаво време, вели Гиновска-Илкова.
Овој концепт на изведба на познати македонски евергрини, во помал формат беше изведен и минатата година во црквата Св. Софија во Охрид, во рамки на прославата 30 години независност на државата. Како што велат организаторите Баги Комуникации, токму одѕивот и реакциите на публиката беа мотив да се дополни програмата и да се понуди и на пошироката публика.
-Никогаш не било посоодветно време за промоција на слоганот „Ја чуваме македонската музика„. Сметаме дека македонската музика е едно од најголемите богатства што нашиот народ ги има, треба да бидеме горди и соодветно да ја чуваме. Тоа е музика со која пораснале многу генерации, со неа се радуваме, прославуваме, тагуваме и е дел од сите наши значајни моменти. Ќе се потрудиме и во иднина да ја продолжиме оваа традиција и преку проекти да потсетуваме за убавината на нашата музика, велат организаторите. (МИА)