
Демантот ви го пренесуваме во целост
Во однос на забелешките кои беа изнесени на прес конференцијата која вчера беше оддржана во Македонската Опера и Балет, како директор на оваа институција би сакал да информирам дека сите настапи на државни празници на оркестарот и солистите на Македонската Опера и Балет се дел од Годишната програма на институцијата која беше и јавно објавена.
Исто така, сите уметници кои настапуваат на државните празници се испочитувани во насока на спроведување на законската регулатива во Република Македонија и за нивниот ангажман во термини кои се надвор од вообичаеното работно време тие добиваат парична надокнада која е дополнување на нивните лични месечни приходи.
Поточно за реализацијата на Новогодишниот концерт на први јануари оркестарот и солистите на Македонската Опера и Балет добија празнична дневница според законските норми во РМ која е додадена на нивниот јануарски личен доход. Што се однесува пак до настапот на Хорот при Македонската опера и балет – Скопје на празникот „Свети Сава“ оваа година, информирам дека тоа беше ангажман на вработените надвор од работните обврски за кој тие добија адекватна парична надокнада, повторно надвор од редовните лични приходи.
Ова доволно говори дека во Македонската опера и балет – Скопје досега во ниту еден случај не е прекршен Законот ниту се повредени правата на вработените во истата. Имајќи го предвид сопственото меѓународно искуство и лично уверување сакам да потсетам дека како уметници имаме обврска да ги задоволуваме потребите на граѓаните на Република Македонија од чии што придонеси ние земаме лични доходи. Ќе потсетам дека постојат уште многу категории на вработени кои исто така работат на државни празници, категории без кои не би можело да функционира здравството или другите сфери.
Во таа насока, токму празниците се една убава можност да го разубавиме секојдневието на нашите граѓани и по примерот на останатите светски метрополи, да понудиме богата понуда за нашите граѓани.
На крајот сакам да нагласам дека изјавите на претставниците на Синдикатот се паушални бидејќи тие воопшто немаат побарано каква и да е информација од дирекцијата на МОБ.
Затоа, ги поканувам истите во иднина да го користат своето право на информирање од страна на раководството на МОБ но, и да преземат сериозна обврска за реално пренесување на информациите во јавноста.