![]()
Театарскиот фестивал за деца „Силјан Штркот“ е првиот детски театарски фестивал на професионални театри во државата, којшто се одржува во Прилеп од 2019 година. Идејата за фестивалот ја покренаа актерките Марија Спиркоска Илијеска и Ангела Наумовска, едни од основачките на Здружението на граѓани „Мал Театар” Прилеп. Главната цела на организаторите е промовирање на театарската уметност, културните вредности и естетиката преку интерактивни содржини со најмладата публика, јакнење и одржување на пријателство, хуманост, толеранција и љубов помеѓу децата, како и градење на нова театарска публика.
Штркот Силјан (Илија Волчески), фестивалската маскота е идејно решение на Александар Џинго. Маскотата ја симболизира преобразбата на Силјан од штрк во човек и обратно.
![]()
Во овогодинешното издание на Силјан со свои претстави ќе се претстават три национални театри (Велес, Куманово, Штип), а придружната програма вклучува промоции на илустрирани авторски изданија за деца и краток филм, изложба и концерт на познати детски рефрени.
Фестивалот свечено ќе биде отворен со поздравен говор и со новата фестивалска химна „Рашири крилја“ на авторот Томе Темелкоски. Изведувачка на химната е Александра Трајческа и хорот при Гимназијата „Мирче Ацев“, а на сцената ќе настапат учениците од 6 одделение при ОУ „Кире Гаврилоски-Јане“.
Во рамките на фестивалот ќе се одржи тематска изложба на децата од градинките „Наша Иднина“ и првоодделенците на ОУ „Кире Гаврилоски-Јане“ на претходно зададена тема „Штрк“. Отворањето на изложбата ќе биде пред почетокот на фестивалот, и ќе биде достапна за посетителите во текот на целиот фестивал. Исто така, ќе биде промовирана авторката приказна за деца „Сонцето и кралицата на темнината“ на авторката Оливера Андоновска, со илустрации од Александар Џинго.
При интерактивното фестивалско затворање ќе се одржи концерт на детски песни со бендот The Four и премиерно ќе биде прикажан детскиот филм „Снежана и седумте џуџиња“ во стоп-анимација, во продукција на Мал Театар Прилеп и Mr.T LAb.
Следно, ќе биде промовираната илустрирана приказна за деца „Ана и нејзиниот велосипед го спасуваат градот“, во рамки на проектот „Детски вело-приказни“, поддржан од Делегацијата на ЕУ во РСМ. Со комбинирани активности, со поврзување на уметнички форми и физички активности, блиски до детската фантазија и логика, приказната има за цел да влијае врз здравјето на децата, заштедата на енергија, намалувањето на CO2 во атмосферата, и секако врз на животната средина.
Во сите планирани придружни активности децата ќе бидат поканети активно да учествуваат, притоа развивајќи ги своите кинетички, мисловни и естетски способности.
![]()
Фестивалска програма:
13.05.2022 (петок), 19 часот, Голема сала НУЦК „Марко Цепенков“
Свечено отворање на Фестивалот
Театар „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ Велес
„ШУМСКА БОЛНИЦА“, за деца од 3-10 години
14.05.2022 (сабота), 11 часот, Фоаје на НУЦК „Марко Цепенков“
Промоција на илустрирана детска приказна
„Сонцето и кралицата на темнината“
авторка Оливера Андоноска, илустрации Александар Џинго
Книгата ќе биде достапна за продажба во текот на целиот фестивал.
![]()
12 часот, Голема сала НУЦК „Марко Цепенков“
Театар „Трајко Прокопиев“ Куманово
„ТРНОРУШКА“ за деца од 6-12 години
15 часот, Голема сала НУЦК „Марко Цепенков“
Театар „Ацо Шопов“ Штип
„ЧУНГАЛУНГОВСКИ, ПЕПЕЛАШКА И ПРИНЦОТ ТОРТИЧКА“, за деца од 3-10 години
18 часот, Саат-Кула
Промоција на проектот „Детски вело-приказни“ и илустрираната приказна за деца „Ана и нејзиниот велосипед го спасуваат градот“.
Проектот е поддржан од Европската Унија.
19 часот, Саат-Кула
Концерт на детска музика со бендот The Four.
20:30 часот, Саат-Кула
Промоција на краток филм за деца во стоп-анимација „Снежана и седумте џуџиња“, во продукција на Мал Театар Прилеп и Mr.T LAb