
Бошко Грујоски, директор на Кинотеката на Македонија потсети дека на 29 април 1974 година е објавен законот за формирање на Кинотеката на Македонија.
– Оваа година славиме јубилеј, 40 години од постоењето на оваа институција, чија задача била, е и ќе биде прибирање, обработка, чување, заштита и презентација на филмовите и филмските материјали од посебно уметничко, културно, научно, историско и друго општествено значење, создавање фонд на филмови и филмски материјали од домашно филмско творештво и филмско производство, како и создавање фонд на значајни филмски остварувања од други национални кинематографии, рече Грујоски.
Тој информира дека Кинотеката во своите депоа успеала да прибере и сочува преку 15.000 филмски копии од домашни и странски продукции, повеќе од 75.000 парчиња пропаганден материјал, фотографии и плакати, повеќе од 100.000 пишани документи, книги на снимања, сценарија…
– Во единствената филмолошка библиотека која е составен дел од Кинотеката, има над 4.500 книги за историјата и теоријата на филмот, над 8.000 броеви на списанија поврзани со филмската уметност, над 30.000 прес-клипинзи за македонските филмови и воопшто за македонската кинематографија, рече Грујоски.
Кинотеката, како што рече, располага со богата колекција на стари кинематографски апарати. – Севкупниот фонд на националното-аудиовизуелно богатство сместено во трезорите на Кинотеката хронолошки опфаќа период подолг од еден век, од првите филмови на браќата Манаки, преку филмовите снимени од странски автори за Македонија во периодот до Втората светска војна и денешната македонска филмска продукција, рече Грујоски.
Тој за годинава најави дека е планирана дигитализација на филмовите на режисерот Бранко Гапо. Се работи за шест играни филма, кои треба во текот на оваа година да се реставрираат. Планирано е и реконпонирање на музејската поставка во Кинотеката на Македонија, која треба да биде завршена годинава.
Од вчера до 28 април во кинотечното кино ќе бидат прикажани филмовите, кои се дигитално реставрирани од минатата година. Вчера беше прикажан филмот „Хај-фај“ на Владимир Блажевски, денеска е „Жед“ на Димитрие Османли, а утре ќе биде прикажан „Татко (Колнати сме, Ирина)“ на Коле Ангеловски. Сите се со почеток од 20 часот.
За историјата, значењето и дејноста на Кинотеката зборуваше филмологот Илинденка Петрушевска, која истакна дека посебно се значајни депоата во оваа зграда, кино-салата и Хавзи-пашините конаци во скопското село Бардовци.
– Кинотеката на Македонија е на врвот, најпрофесионална институција од областа на културата во нашата држава. Била, е и ќе биде тоа, истакна Петрушевска.
Грујоски потсети на животот и делото на Дарко Марковиќ кој, како што рече, е дипломиран архитект, кој во текот на студиите длабоко ја засака и и се посвети на карикатурата. Марковиќ е добитник и на многу награди.
Наградата „Златен објектив“ ја прими неговиот син, Филип Марковиќ кој изрази благодарност за укажаната чест, го честиташе јубилејот на Кинотеката на Македонија и посака успешна работа.
– Ве уверувам дека Дарко навистина ја цени наградата и е радосен поради укажаната чест со ова големо признание и потврдата на неговата долгогодишна успешна работа во филмската сфера, рече Филип Марковиќ.