![]()
На 14.06.2019 ќе се оствари отворањето на интернационалната програма на овогодинешното петто, јубилејно издание на "Битрикс танцова лига". За истото е подготвен спектакуларен аудиовизуелен, интерактивен перформанс во "Dancing Hall" во "Младински Културен Центар".
Перформансот е создаден така да ги буди сите сетила на публиката, но, и да и даде можност да се отклони границата помеѓу неа и сцената. Кореографијата на овој перформанс ќе ја изведува и е дело на Ивана Балабанова, додека пак како композитор се појавува реномираната композиторка Дарија Андовска.
Аниматор на визуализациите е Глигор Постоловски од "ДВД 5", кои се одговорни и за светлото. Како ард-директор и видео концепт креатор се појавува Ана Стојановска во соработка со видео-продукцијата "Марсбен". Перформансот зборува за интеракциите и комуникацијата помеѓу различни сегменти од животот на самиот танчар, како и за неговата конекција со надворешниот свет која е реперкусија на тоа кој е тој всушност.
Станува збор за симбиоза на вкрстени взаемни портрети на двете уметници, Ивана и Дарија, во оние точки во кои тие се соединуваат. Пред почетокот на перформансот, ќе ја презентира својата работа и истакнатата кореографка Адријана Данчевска од "Скопје танцов театар", преку перформанс на учесниците од "Битрикс Танцова Лига" : Јоана Попоска, Нина Стефановиќ, Ина Илиевска, Ива Илиевска, Елена Терзиева, Ивона Маневска, Михаил Тодоречевски, Елена Стојкоска, Ива Георгиева и Викторија Коцева.