
Годинава, музејот ќе организира меѓународен симпозиум, ќе публикува трудови и ќе реализира изложба на пронајдените артефакти.
– Првин планираме да организираме меѓународен симпозиум на кој ќе бидат поканети стручни лица кои се занимаваат со проблематиката на Кокино, со практикување на култни места и ритуали во праисторискиот период, изјави директорот на установата, Дејан Ѓорѓиевски.
Идејата е, објасни, симпозиумот да стане традиционален и да ги обедини истражувачите кои се занимаваат со култните места. Во рамки на проектот предвидено е да се одржи и изложба на која ќе бидат презентирани пронејдените артефакти од Кокино, пропратена со изработен каталог.
– Она што е исклучително важно е публицирањето на трудовите кои беа прочитани минатата година, посветени токму на оваа проблематика на Кокино,на обредите и ритуалите кои се практикувани, како и трудовите од астрономски аспект, изјави Ѓорѓиевски.
Публикацијата се подготвува оваа година, по што ќе следи рецензија, превод на англиски јазик за да биде достапна на меѓународната јавност, а ќе биде објавена наредната година, додека меѓународниот симпозиум планирано е да се одржи во првата недела од октомври. Донацијата од УНЕСКО е во вредност од 22.000 долари.