Quantcast
Channel: Култура – Kurir.mk
Viewing all 3463 articles
Browse latest View live

Виртуозот на виолончело Даниел Милер-Шот, солист со Македонската филхармонија

$
0
0

На претстојниот симфониски концерт на Македонската филхармонија насловен „Морски барнови“ вечер во 20 часот, како солист ќе настапи германскиот виолончелист Даниел Милер-Шот. Тој се смета за еден од најистакнатите претставници на овој инструмент на својата генерација и повеќе од две децении ја воодушевува публиката во светот. Од Македонската филхармонија информираат дека овој амбасадор на музиката на 21.век, за македонската публика ќе го изведе концертот за виолончело и оркестар бр. 1 од Дмитриј Шостакович. Диригент на концертот, за првпат во Македонија, е маестро Румон Гамба од Велика Британија, а ќе бидат изведени и импресивните дела: Четири морски интерлудии од операта „Питер Грајмс“ од Бенџамин Бритн, како и „Море“ и „Потонатата катедрала“ (која ќе ја доживее македонската премира) од Клод Дебиси. Британскиот диригент Румон Гамба во својата досегашна кариера бил на неколку значајни позиција, меѓу нив и шеф-диригент и музички директор на Шведската оперска компанија Норланд опера (2008–2015), шеф-диригент на Алборг симфонискиот оркестар (2011–2015), како и шеф-диригент и музички директор на Симфонискиот оркестар на Исланд (2002–2010). Во 2017 година, маестро Гамба се враќа на Би-Би-Си промс, диригирајќи со врвниот џез-ансамбл „Bang on a Can All-Stars“ заедно со Младинскиот ансамбл. Покрај современата музика, тој е активен и како диригент на железниот оперски репертоар, како што се „Кармен“, „Боеми“, „Отело“, „Кандид“, „Риголето“… МИА

Вечер на млади драматурзи од Македонија во КИЦ Софија

$
0
0

Во Културно-информативниот центар на Република Македонија во Софија, Република Бугарија, вечер ќе се одржи јавно читање на кратките сценарија и кратки текстови од младите македонски драматурзи, Марина Трајковска, Артин Селмани, Џон Саркањац, Мона Паскалова и Стефан Марковски. ако дел од програмата за оваа година на КИЦ, текстовите ќе ги читаат студентите на НАТФИЗ „Крсто Сарафов“ од Софија, Теона Димова, Благица Стоименова, Кристијан Ковачевски и познатиот актер и режисер по потекло од Штип – Ѓорги Ѓоргиев-Антика. Ова е прв настан од ваков вид кој има за цел да воспостави поблиска соработка меѓу македонските и бугарските млади театарџии и филмаџии и нивно запознавање, за да може да се развива и практично драмската уметност со заеднички проекти, претстави, книги и филмови во иднина. МИА

Изложба „Архивите – ризници на спомени“

$
0
0

Во Музејот на македонската борба за државност и самостојност денеска ќе биде отворена изложбата „Архивите – ризници на спомени“. Изложбата е изработена од страна на Архивот на Република Словенија, со поддршка од Министерството за култура на Република Словенија и во соработка со уште девет словенечки архиви, кои чуваат околу 75 километри архивски материјал, исклучително богатство од пишуваното културно наследство. На отворањето ќе се обратат Кирил Петров, директор на Државниот архив на Република Македонија, Бојан Цвелфар, директор на Архивот на Република Словенија и словенечкиот амабасдор Милан Јазбец. Изложбата ќе биде отворена во Скопје како резултат на добрата соработка меѓу Државниот архив на Република Македонија и Архивот на Република Словенија и нивниот договор за меѓусебна соработка, потпишан уште во мај 1998 година. Изложбата има 25 паноа, 16 поглавја и повеќе од 140 документи, почнувајќи од IX век па се до 1990 година. Оваа изложба не е класична тематска изложба и во неа не станува збор за презентирање на конкретни теми, периоди, настани, процеси, личности или места, туку треба да ги претстави најважните сочувани архивски материјали во архивите на Република Словенија. МИА

Ликовна изложба ,,Парижанка во Делчево”

$
0
0

 „Парижанка во Делчево“ е насловот на ликовната изложба од авторката Лена Ѓуриќ чии дела денеска ќе бидат изложени во фоајето на Спомен-домот АСНОМ во Делчево.
Изложбата е во рамки на одбележувањето на празникот посветен на свети Климент Охридски, а во организација на Општина Делчево, НУЦК „Никола Јонков Вапцаров“ и делчевското основно училиште „Св. Климент Охридски“ кое со оваа изложба ги започнува активностите за одбележување на патронот на училиштето.
-Во фоајето ќе бидат изложени 30-ина дела од авторката Ѓуриќ, кои се богати со емоции, колоритни, со богат наратив и лесно воочлива симболика со што се привлекува вниманието на публиката, велат од НУЦК Н.Ј.Вапцаров.
Авторката Лена Ѓуриќ  е родена во Свети Николе, а трисетина години од својот живот ги поминува во градот на светлината Париз, каде ги впива креативните енергии на најголемите светски репрезенти на уметноста. Париз е и местото, каде нејзиниот талент за уметност се развива и станува реалност. Последниве години, Лена живее и твори во Штип. На сликарското платно, таа овековечува портрети, жива и мртва природа.
Досега, богата колекција од ликовни дела на Ѓуриќ се изложувани низ повеќе градови во Македонија, како Штип, Битола, Струмица, Радовиш, Виница, Свети Николе, Берово, Скопје.

НУБ „Св. Климент Охридски“ одбележува 74-годишен јубилеј

$
0
0

Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Скопје денеска ќе одбележи 74 години од своето постоење и ќе го чествува патрониот празник. Одбележувањето ќе почне со положување цвеќе пред споменикот на свети Климент Охридски во дворот на библиотеката. Ќе бидат доделени традиционалните награди на вработените и наградата „Библиотека на годината“. Присутните на пладне ќе можат да го погледнат театарскиот перформанс „Емоции“ во режија и  кореографија на Кренаре Невзати – Кери и Дејан Лилиќ во главната улога. Перформансот е своевиден омаж за ликот и делото на Блаже Конески, кој починал пред 25 години на истиот ден кога НУБ „Св. Климент Охридски“ го одбележува патрониот празник. МИА

Кои се овогодинешните добитници на наградата „Св. Климент Охридски“?

$
0
0

Одборот за доделување на државната награда „Св. Климент Охридски“ во Свечената сала на Собранието на Република Македонија денеска ќе ја додели државната награда „Св. Климент Охридски“ за 2018 година за највисоко признание за долгогодишни остварувања во областа на воспитанието, образованието, културата, уметноста, здравството, заштитата и унапредувањето на човековата околина и во социјалната дејност од јавен интерес на Република Македонија. Државната награда „Св. Климент Охридски“, за остварување во областа на воспитанието и образованието, им се доделува на Кимет Агаи и Аднан Агаи, просветни работници; наградата за остварување во областа на културата и уметноста, им се доделува на Владимир Милчин, режисер, Емилија Стаменковиќ (Џипунова), балетски уметник и Томислав Османли, писател, а наградата за остварување во областа на здравството му се доделува на проф. д-р Борислав Каранфилски, патофизиолог, специјалист по нуклеарна медицина.

Промовирано петтото издание на стихозбирката Метрички карван

$
0
0

Пред љубителите на поезијата во Гевгелија, синоќа беше промовирано петтото издание на стихозбирката „Метрички карван“ под покровителство на Националната установа градска библиотека „Гоце Делчев“. Збирката, според модераторот Магдалена Стојмановиќ, претставува компилација на творби од 12 поети од градот домаќин и исто толку поети од Струга сплотени во желбата да остават авторска трага токму во оваа збирка. Промоторот на стихозбирката, Александар Прокопиев, ја истакна благородната намера на збирката која според него тежнее да ја спои креативноста на луѓето од различни краеви на Македонија кои до сега или не се познавале или се познавале само преку своите авторски изблици. Стихозбирката „Метрички карван“, чии уредници се Стефан Марковски и Дамјан Ѓуров, првпат беше публикувана во 2014 година со поети од Гевгелија и Кавадарци, по што следеа изданијата на збирката со поети од Струмица, Велес, Битола и годинава од Струга. (МИА)

Во МНТ утре ќе се одржи комеморација за Арсова Џундева

$
0
0

Комеморацијата за актерката Љупка Арсова Џундева ќе се одржи утре (вторник), во 12 часот, на големата сцена во НУ Македонски народен театар, соопштуваат од театарот. Љупка Арсова Џундева секогаш со гордост истакнуваше дека припаѓа на втората генерација актери на некогашната Висока театарска школа, а со тоа е дел од создавањето на поновата историја на театарската уметност во Македонија. Нејзиниот ентузијазам и копнеж по театарската сцена, но и нежниот и милозвучен карактер, безвременска убавина, романтична појава и жесток став во негувањето на звучниот мајчин јазик ја направиле миленичка на театарските режисери, но и на широката театарска, филмска и телевизиска публика. Во Македонскиот народен театар работеше во текот на целиот свој професионален живот од 1951 до 1990 година, кога замина во пензија. Нејзината последна улога на сцената на МНТ се случи во 2015 година, како Марина во претставата „Вујко Вања“ од Чехов во режија на Зоја Бузалковска. Љупка знаеше да каже дека треба да се најде мирот и љубовта кон луѓето, и колку што е можно човек треба да му се радува на животот. „Ние сме многу малку гости на овој свет“, знаеше нашата Буба. „Човек треба да се научи прво да си ги прости своите грешки самиот на себе, а потоа да ги прости и на другите. Кога ќе простиш, ќе го најдеш својот мир и ќе се ослободиш“. Џундева беше една од највредните актерки на која се потпираше голем дел од работата во театарот, а нејзините колеги ја сметаа за одговорна, сериозна, трудољубива, посветена, исполнителна, прецизна, срдечна, кооперативна и секогаш подготвена да ја прифати секоја актерска задача. Таа ја освојуваше публиката со својата светла озраченост, со сензуалниот глас и со прекрасната појава во целина. Припаѓа на генерацијата во која што работи со Вукан Диневски, Самоил Дуковски, Милица Стојанова, Кирчо Божинов, Ацо Јовановски, Дарко Дамевски, Драги Костовски. Првиот вистински настап го има во пиесата „Нажалена фамилија“ (1951) во режија на Петре Прличко со улогата на Даница, потоа следат повеќе од 80 реализирани улоги меѓу кои: Анка во „Госпоѓа министерка“ (1953), Дивна во „Пепелашка“ (1953), Амелија во „Домот на Бернарда Алба“ (1956), Славка во „Д-р“ (1957), Стојанка во „Чорбаџи Теодос“ (1957), Маргот во „Дневникот на Ана Франк“ (1958), Силвија во „Игра на љубовта и случајот“ (1959), Коломба во „Волпоне“ (1961), Свршеничката во „Крвави свадби“ (1962), Коломба во „Коломба“ (1965), Ирина во „Матурска вечер“ (1966), Фосфорната жена во „Бања“, (1968), Розаура во „Венецијански близнаци“  (1968), Наталија Ивановна во „Три сестри“  (1970), Доилка во „Фарса за храбриот Науме“ (1971), Оливера Срезоска во „Ѕидот, водата“ (1973), Павлина во „Потоп“ (1974), Лиза Дроздова во „Бесови“ (1978), Ана Шукова во „Кенгурски скок“  (1979), Магда во „Габи“ (1982), Занаида во „Иванов“  (1984), Саветка во „Антица“ (1988), Аркадина во „Галеб“ (1990), Де Резмонд „Опасни врски“  (2002) и Марина во „Вујко Вања“ (2015). На филмското платно учествува во првиот македонски филм „Фросина“ (1952), а има остварено главни улоги во „Мирно лето“ (1961) и „Време живот“ (1999), „Златната петорка“ (2016) и споредни улоги во „Македонска крвава свадба“ (1967), „Оловна бригада“ (1980) и „Џипси меџик“ (1997). Игра и во ТВ филмовите „Пустина“ (1967), „Стотиот чекор“ (1968), „Лудиот и калуѓерицата“ (1968), „Свеќник“ (1969), „Итрата вдовица“ (1969), „Слики на дрво“ (1970), „Балада за орканата“ (1970), „Пречек“ (1971), „Делба“ (1971), „Двојка“ (1970), „Светлини и бои“ (1997), „Мулти левел“ (2000), „Мост“ (2006) и ТВ сериите „Волшебниот воз“ (1969), „Волшебното самарче“ (1975), „Трето доба“ (1987), „Погрешно време“ (2000), „Наше маало“ (1999-2004). За својот обемен актерски ангажман Љупка Џундева има добиено голем број на награди и признанија меѓу кои и наградата на Град Скопје „13 Ноември“ (1983), наградата за животно дело на МТФ „Војдан Чернодрински“ во Прилеп (2000), наградата „11 Октомври“ за животно дело (2000), награда за артистичко остварување доделено од Југословенската радио телевизија, Орден на трудот со златен венец и Орден на трудот со сребрен венец. Џундева е првиот лауреат на јубилејното 10-то издание на интернационалниот филмски фестивал „Астерфест“ во Струмица, добитник на почесното признание на „Астерфест“ и Тивериополската филмска алијанса за посебен придонес во филмската и драмската уметност.

Концерт на виртуозот на виолината Вадим Репин и Македонската филхармонија

$
0
0

Македонската филхармонија вечер во 20 часот ќе одржи симфониски концерт под наслов „Магична виолина“, на кој како солист ќе се претстави еден од најголемите виолинисти на денешнината, Вадим Репин од Русија. Виолинистот со огнена страст, со беспрекорна техника, уметникот од чии раце извира поезија и сентименталност, како што го опишува критиката, за македонските љубители на музиката ќе го изведе виртуозниот Концерт за виолина и оркестар бр. 2 од Сергеј Прокофјев. Диригент на концертот е маестро Владимир Вербицки од Русија, кој првпат настапува на македонската сцена, а кој се смета за еден од најактивните руски диригенти. Под неговата диригентска палка, оваа вечер ќе бидат изведени едно од најпопуларните дела на рускиот композитор Модест Петрович Мусоргски – „Ноќ на пустата планина“, како и македонската премиера на Симфонијата бр. 1 од рускиот автор Василиј Калиников.

Промоција на „Делфинот“ од Александар Прокопиев

$
0
0

Најновата збирка раскази на Александар Прокопиев, „Делфинот“ вечер ќе биде промовирана во НУБ „Св. Климент Охридски“. Книгата ќе ја промовира Наташа Аврамовска, а фрагменти од книгата ќе читаат авторот и Ѓоко Здравески, кој е рецензент на збирката. – Леснотијата – која му прилега на еден од македонските мајстори на прозата (мајстор и по талентот и по занаетското искуство што го има зад себе) – со која се исткаени расказите, просто го вшмукува читателот, го возбудува до степен што тој, така маѓепсан од неговата мајсторија, станува дел од нив… Читањето на оваа книга е како водење љубов, постојано во некаква лебдеечка меѓусостојба, ниваму-нитаму, ни сон ни јаве, пишува Здравески. Досега одделни раскази од „Делфинот“ се преведени и објавени на чешки, унгарски, словенечки, српски и хрватски јазик, а книгата е во процес на преведување кај српскиот издавач „Геопоетика“ и словенечкиот „Апокалипса“. МИА

Изложба за 50 години актерска кариера на Петре Арсовски

$
0
0

Во фоајето на Македонскиот народен театар вечер ќе биде отворена изложба за одбележување полувековен јубилеј од кариерата на доајенот на македонското актерство Петре Арсовски. Изложбата, насловена „Петре Арсовски, 50 години театар“, е визуелно сведоштво за живот на сцената на актерот Арсовски и ќе прикаже фотографии, плакати и останати експонати на дел од претставите во кои игра, а се во продукција на МНТ. Во вечерашната премиера на претставата „Галеб“ од Чехов во режија на Нина Николиќ, Петре Арсовски ќе настапи во ликот на Петар Николајевич Сорин и ќе одбележи 50 години на сцената на МНТ. Дебитирал во 1968 година во „Венецијански трговец“ во улога  Првиот полицаец,  а на актуелниот репертоар на МНТ игра  и во претставата „Разговори во четири очи“. -Целта на изложбата е да се прикаже развојот и низата остварени ликови на еден од најпочитуваните актери во македонското глумиште и жива легенда на македонскиот театар и филм. Со постојаноста на квалитетот на сцената, видлива и во експонатите, изложбата дава поглед на актерските реализаци на Арсовски преку кои тој е запаметен и се памети како актер кој се гради, а на сето изминато време му дава значаен белег. Без разлика дали се работи за голем или за мал лик, тој во сите претстави плени со својата ненаметлива снага, одмереност, посветеност и умеење да се фати во костец со секој доверен нов лик, наведува МНТ. Изложбата во фаојето на театарот ќе биде отворена непосредно пред премиерата на „Галеб“ од Чехов. МИА

„Галеб“ од Чехов вечер премиерно во МНТ

$
0
0

Македонскиот народен театар вечер премиерно ќе ја изведе претставата „Галеб“ од Антон Павлович Чехов во режија на Нина Николиќ. Тоа ќе биде трето поставување на овој драмски текст од познатиот руски автор  во 73-годишната историја на МНТ, каде што „Галеб“ досега го поставиле режисерите Димитар Ќостаров во 1960 година и Бранко Ставрев во 1990 година. Нагласувајќи дека станува збор за дело од светската класика, режисерката Николиќ за својата верзија на „Галеб“ вели дека станува збор за текст во кој е јасно нагласено дека човек мора до крај да се бори за она во што верува и за она кое природно му следува. -Драмата содржи приказна актуелна за сите нас, луѓето, кои копнееме за возвратена љубов, но и кои сме подготвени до крај да се бориме за невозвратената или неостварливата љубов во која веруваме. Драмата раскажува приказни кои се универзални и кои се движечка сила на човекот воопшто, бидејќи ништо не се променило од пред 120 години кога Чехов го напишал текстот, изјави Николиќ. Во актерската екипа се: Звездана Ангеловска, Никола Ристановски, Дарја Ризова, Петре Арсовски, Емил Рубен, Благој Веселинов, Сашка Димитровска, Славиша Кајевски, Тина Трпкоска, Дамјан Цветановски и Аксел Мехмед. Во поставувањето на претставата учествуваа и соработници од странство – сценографот Вишња Вујовиќ од Србија, дизајнерот на светло Крис Јегер од Велика Британија и кореографот Димитрис Сотириу од Грција. Композитор на главната музичка тема во претставата е македонскиот виртуоз на гитарата Влатко Стефановски. Во проектот се вклучени и драматургот Драгана Лукан Николоски и костимографката Ивана Каранфиловска-Угуровска кои се  соработници на повеќе претстави на режисерката Николиќ. Непосредно пред премиерата на „Галеб“, во фоајето на Македонски народен театар вечер ќе биде отворена изложба за одбележување на јубилејот на доајенот на македонското актерство – Петре Арсовски. Насловена е „Петре Арсовски, 50 години театар“. МИА

Концерт на пијанистот Арчиули на зимската програма на „Охридско лето“

$
0
0

Италијанскиот пијанист Емануеле Арчиули, еден од најоригиналните  изведувачи на денешната класична музичка сцена, вечер од 19 часот ќе настапи во Македонската опера и балет во рамки на зимскиот дел од програмата на фестивалот „Охридско лето“ и со поддршка на Амбасадата на Италија во Македонија. Дирекцијата на „Охридско лето“ соопшти дека репертоарот на Арчиули е огромен – од музиката на Бах до современата музика, со силен афинитет кон композиторите од САД. Оттаму наведуваат дека Арчиули, кој за  цедето посветено  на Џорџ Крамб беше номиниран за награда „Греми“, е исклучително талентиран и виртуозен пијанист кој постојано развива нови проекти и ги следи новите идеи и иновативните програми во светот на музиката. Емануеле Арчиули редовно настапува во големите концертни сали и фестивали, како што се Берлинскиот фестивал, Виен Модерн, Ла Скала Милано, Биеналето на Венеција, Фестивалот за пијано во Мајами, Милерб театарот во  Њујорк, Маџо музикале Фиорентино, Фестивалот на камерна музика Санта Фе, како и на меѓународните фестивали за пијано  во Бреша и Бергамо. Предава  современа музика на Академија ди Пинероло,  професор е на конзерваториумот во Бари, а исто така е чест гостин професор на многу американски универзитети. -Неговиот концерт во Скопје е дел од зимската понуда за љубителите на класичната музика, а тенденција е светски познати уметници да ја збогатуваат културната понуда на фестивалот не само во стандардниот фестивалски термин, од 12 јули до 20 август, туку  и во текот на останатиот дел од годината, соопшти Дирекцијата на „Охридско лето“. Во рамките на „Охридско лето“ минатиот месец во црквата „Света Софија“ се одржа концерт на  младите руски музичари – пијанистот Александар Синчук и флејтистот Артем Науменко. МИА

МАНУ ќе промовира три изданија посветени на Блаже Конески

$
0
0

Македонската академија на науките и уметностите денеска напладне ќе промовира три изданија посветени на нејзиниот прв претседател, академик Блаже Конески,  роден на денешен ден во 1921 година. Ќе бидат промовирани „Епоха Блаже Конески“ од академик Георги Старделов, „Блаже Конески. Чествувања по повод јубилејот 50 години МАНУ“ – приредено од академик Луан Старова, и „Критички изданија за Блаже Конески“ во редакција на академик Милан Ѓурчинов. Промоцијата со поздравно обраќање ќе ја отвори претседателот на МАНУ, академик Таки Фити, а излагања ќе имаат и академиците автори – Старделов и Старова, и промоторите проф. д-р Иван Џепаровски и академик Катица Ќулавкова. Блаже Конески (Небрегово, 19 декември 1921 – Скопје, 7 декември 1993) – поет, филолог, книжевен историчар, преведувач, професор и еден од кодификаторите на современиот македонски литературен јазик, е првиот претседател на МАНУ кој функцијата ја извршувал од 1967 до 1975 година. МИА

Завршна презентација од проектот „Млади Европејци – Млада Европа на Балканот“

$
0
0

Универзитетот за аудиовизуелни уметности ЕФТА денеска организира завршна презентација од проектот „Млади Европејци – Млада Европа на Балканот“, поддржан од Министерството за култура. Проектот е предвиден  како составен дел од поширока годишна програма на Културниот центар „Млада Европа на Балканот“ на Универзитетот за аудиовизуелни уметности во соработка со ЈП Македонски железници – Инфраструктура. Настанот ќе опфати сценска презентација на книгата „Европа наш заеднички дом“ од Жан Моне, во издание на  ЕФТА, проекција на краткиот филм „Европа мојот идентитет“ – резултат од тригодишниот проект изработен од студенти од Македонија, Франција и Германија, како и изложба на фотографии од студенти, насловена  „Европа овде, Европа таму“.

„Утеха за голите“ – нов роман на Давор Стојановски

$
0
0

„Утеха за голите“ е насловена новата книга на Давор Стојановски, кој во 2016 ја доби наградата „Роман на годината“ за „Собирачи на пепел“. Ова е 167-ми наслов во популарната едиција ПРОаЗА на издавачката куќа „Или-Или“ која, како што соопшти, продолжува со тенденцијата да го нуди најдоброто од новата генерација македонски автори. -Со неговиот веќе препознатлив стил и одлична реченица, Давор Стојановски раскажува приказна која ќе го заинтригира читателот притоа нудејќи му задоволство далеку од евтините трилери и провидните deus ex machina решенија на современите романи, а сепак да не биде оптоварен со тешка синтакса и безредно нафрлани заплети. Авторот и овојпат раскажува приказна што е мрачна и бизарна, без притоа да ја изгуби својата хуманистичка нота во сиот хаос на современото живеење, соопшти „Или-Или“. Давор Стојановски (1987, Скопје) е писател, поет, преведувач и музичар. Магистрирал на Филолошкиот факултет во Скопје. Неговите дела се застапени во домашни и во странски антологии. Неговиот прв роман „Ненасловена месечева соната“ од 2013-та влезе во потесниот круг за наградата „Роман на годината“, а вториот роман „Собирачи на пепел“ ја освои таа награда на „Утрински весник“. (МИА)

Концерт на оперската пејачка Мила Јаневска

$
0
0

Во просториите на Македонската филхармонија во среда на 26 декември ќе биде одржан концерт на македонската оперска пејачка, Мила Јаневска. На концертот ќе бидат изведени дела од Моцарт, Штраус, Рахманинов, Дворак и Глук. Концертот е поддржан од Министерството за култура на Република Македонија, а за организацијата се погрижила самата пејачка. Инаку, Мила Јаневска е од Скопје и студент во 4-та година на Универзитетот во Виена.

Поетско читање во чест на Блаже Конески во ДПМ

$
0
0

Друштвото на писателите на Македонија денеска напладне организира поетско читање во чест на поетот и лингвист Блаже Конески, еден од основачите на македонската писателска асоцијација. Читањето е насловено „Џиџиња од зборови“ во духот на  една песна на Конески од неговата стихозбирка „Црн овен“ од 1993 година. Поезија од Конески по свој избор, како и стихови од сопственото творештво, ќе читаат писателите: Соња Стојменска-Елзесер, Владимир Мартиновски, Ана Мартиноска, Атанас Чуповски, Магдалена Хорват, Иван Додовски, Жарко Кујунџиски, Јулијана Величковска, Живко Гроздановски и Драгана Евтимова. МИА

Џез со Џон Илија Апелгрен и Гордан Спасовски во Филхармонија

$
0
0

Џез-вокалистот Џон Илија Апелгрен и џез-пијанистот Гордан Спасовски вечер од 20 часот во камерната сала на Македонската филхармонија ќе одржат заеднички концерт насловен  „Midnight conversation“. -В очи новогодишните празници, Апелгрен и Спасовски ќе приредат интимен, тивок перформанс кога ќе прозвучат најубавите композиции од светската џез-литература. Концертот со пијано и глас ќе донесе комплексна, но атрактивна и пријатна музика која ќе направи магија за сетилата и ќе ја разбуди имагинацијата, соопшти Филхармонијата. Џон Илија Апелгрен се смета за еден од најдобрите џез-вокалисти во регионот, со  импресивна кариера на многубројни настапи како солист и со разновидни оркестри и ансамбли, студиски албуми и настапи на фестивали и концерти надвор од земјава. Гордан Спасовски, пак, е пијанист од помладата генерација џез-музичари во Македонија, кој во водите на џезот влегува под менторство на проф. Илија Пејовски и своето образование го продолжува на џез-одделот на Универзитетот за музика и сценски уметности во Грац, Австрија, каде што и дипломира. Имал голем број настапи на европските џез-фестивали и соработки со значајни џез-имиња.

„Сликарот со пријателите“ – изложба на Новица Трајковски во Илинден

$
0
0

Во галеријата на Домот на култура „Илинден“ во Општина Илинден отворена е изложба на академскиот сликар Новица Трајковски, насловена „Сликарот со пријателите“. Претставени  се 40-ина портрети кои  во подолг период Трајковски им ги направил на своите пријатели. На отворањето на изожбата тој рече дека  ова е негова  прва изложба на портрети по 30 години. На отворањето  беа присутни и голем број јавни личности кои се портретирани од сликарот, како  Раде Силјан, Ефтим Клетников, Летиф Јанчигвин – Ли, Јаков Дренковски, Климе Коробар, Павле Кузмановски, Виолета Ачкоска… Изложбата ја отвори градоначалникот на Илинден, Жика Стојановски. Тој му се заблагодари на Трајковски кој живее и работи во Илинден, за неговиот голем придонес во развојот на културата и културните вредности во општината. Изложбата ќе биде отворена до крајот на јануари идната година.
Viewing all 3463 articles
Browse latest View live